„Оваа година на Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“ ќе има неверојатни филмски остварувања од најголемите светски фестивали, главна ѕвезда ќе биде Ентони Дод Ментел, директорот на фотографија и кинематографер како што биле браќата Манаки, а очекуваме да нѝ потврди и Џон Метисон, кинематограферот на „Гладијатор“ и на „Икс мен“, рече на денешната прес-конференција фестивалскиот директор, Симеон Мони Дамевски.
Тој информираше дека одржувањето на фестивалот се поместува за еден ден, односно ќе започне на 19 август и ќе трае до 26 август. Фестивалот ќе биде отворен со „Раката на Господ“ на Паоло Сорентино, а ќе биде затворен со македонскиот филм „Снежана на крајот умира“.
„Имаме и гости кои сами се пријавуваат да присуствуваат на фестивалот, прашуваа дали може да дојдат во Битола. Имаме врвни ѕвезди како наши лауреати, имаме многу журки, забави и коктели. Мака на овој фестивал секогаш беше дали ќе имаме доволно пари за да го изреализираме, па сега можам да кажам дека годинава за прв пат со ребалансот се обезбедени доволно пари. Годинава имаме многу меѓународни студенти од најдобрите академии во Европа“, рече Дамевски.
Тој информира дека Дод Ментл, лауреатот за животно дело, соработувал со врвни режисери, номиниран бил за оскар и е првиот кој добил оскар зашто снимил филм со дигитална камера.
„Годинава имаме диџеј од Берлин, по три журки ќе има во Битола секоја вечер. На три локации ќе се одвива фестивалот, во Домот на култура, втората локација е киното Манаки, каде што ќе се одвива документарната и студентската програма, како и Офицерскиот дом, на летната тераса која ќе биде отворена за Мак корнер програмата. Годинава имаме исклучителни жирија. Имаме врвни имиња, меѓу кои еден од двајцата наши кинематографери кои го работеа „Ханиленд“. Тука е и Маја Богоевиќ, која е исклучителен филмски критичар, од светско реноме, професорка на црногорската академија за филм. Овде е и Јелена Станковиќ, од филмот „As far as you go“, како и Мариса Созен, најпозната турска актерка, ѕвезда на филмот „Зимски сон““, информира Дамевски.
Во документарната програма ќе има 10 документарни филмови кои се многу интересни. Овде ќе се обрне внимание на пионерски потфати. Како што кажаа на фестивалот, некои од најзначајните начела на кои се базирал изборот во документарната програма, биле храброста и посебноста на стилскиот израз и иновативноста во кинематографскиот пристап. Филмовите се од актуелно социјални и политички и културни теми, а се поврзани преку специфичниот филмски израз.
„Фестивалот е поместен еден ден порано од логистички причини, зашто се поклопуваме со затворањето на Охридско лето, а многу ни е битно дел од важните гости, кои не сакаат да го прошуштат „Манаки“, да бидат во Битола. Имаме мастер класови со Дарија Д Антонио, Ентони Дод Ментал. Очекуваме гости и од Чиле, а најавено е дека ќе дојде Бјелогрлиќ, Срѓан Драгојевиќ, како и многу други ѕвезди и ѕвездички од регионот“, додаде директорот.
Како што кажа Тоше Ивановски, селектрот на оф фест програмата, ова е придружна програма на фестивалот Манаки.
„Зборуваме за една креатива која има намера да го покаже интересот на битолчани, на креативците, кои имаат капацитет актерски и музички да покажат дека Битола има интерес за овој фестивал. Сакаме да покажеме дека Битола е град во кој се роди филмот и дека тоа е чувство кое е дел од колективната меморија. Креиравме автентична програма која има намера да покаже дека Битола го сака фестивалот. Ќе има ретки колекционерски изложби на кои ќе бидат презентирани фотоапарати, камери и документи врзани со филмскиот живот на Битола. Млади таленти преку работилници ќе се усовршуваат во правењето на филм. Забавната програма ќе се одвива во кафе барови и клубови, се организиравме секоја вечер да има две до три забавни приграми, кои ќе бидат од големо значење“, рече тој.
Слаѓан Пенев, селекторот на долгометражна играна програма кажа дека изборот кој го направиле годинава е за филмови што вредат, филмови кои се наградувани.
„Имаме 14 годинава на документарната програма. Еден од филмовите е „Триаголник на тагата“, добитник на Златна палма, потоа шпанско-италијанскиот филм „Алкарас“, јапонскиот филм „Вози ја мојата кола“, „ЕО“, полско-италијанскиот филм, „Божјата рака“ во режија на Паоло Сорентино“, рече Пенев.
Во рамки на студентската програма ќе има 18 филмови од 17 држави.