!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Наградуван роман на Португалката Дулсе Марија Кардозо преведен на македонски јазик


Скопје, 27 февруари, 2017 - 13:00 (META) 

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го подготви македонското издание на романот „Сочувство“ од португалската писателка Дулсе Марија Кардозо. Романот е добитник на Европската награда за литература во 2009 година, а преводот на македонски е на Ненад Трповски.

Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Дулсе Марија Кардозо (1964) е португалска писателка. Детството го минала во Ангола. Студирала право и работела како адвокатка, пред да се посвети на писателската професија. Израснала во една од најоригиналните уметнички појави на новата генерација португалски писатели, мајсторка на оригиналната проза и на нестандардното раскажување. Добитничка е на наградата на португалскиот ПЕН-клуб.


Издавачката куќа „Антолог“ ќе отвори продажен салон


Скопје, 19 април, 2015 - 12:31 (META) 

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ќе го отвори својот прв јавен простор во 16-годишното постоење, утре, на 20 април 2015 година (понеделник). Книжевниот центар на улица Ѓорѓи Пулевски број 29 во Дебар маало е замислен како изложбено-продажен салон. Во него, освен книгите на „Антолог“, посетителите ќе може да присуствуваат и на различни настани од областа на културата и на уметноста.

– Можеби се прашувате од каде идејата да отвориме книжевен центар кој не е во строгиот центар на градот? Ако размислите, ќе заклучите дека токму најважните нешта во животот, мудроста, карактерот, љубовта, вистинскиот пријател, ретко ни биле на дофат на раката. Тоа е и нашата философија. Како кога на драгите луѓе им велите „За тебе би отишол до крајот на светот!“ – вели Жарко Кујунџиски, главен и одговорен уредник на ова книгоиздателство.

Во чест на отворањето, „Антолог“, во првите три дена, 20-22 април (од понеделник до среда), ќе понуди попуст од 20 до 50 проценти на сите изданија, а првите сто купувачи ќе добијат и подарок. Меѓу другото, во текот на овие денови свои книги ќе потпишуваат писателите за деца и возрасни од повеќе генерации.