Конкурс за краток хорор расказ: Расказот „Нокти“ го освои третото место

Според гласовите на комисијата, трето место на конкурсот освои расказот „Нокти“ на авторот под псевдоним „исклучна дисјункција“

Photo by Priscilla Du Preez 🇨🇦 on Unsplash

Новинската агенција „Мета.мк“ четврта година по ред распиша Конкурс за краток хорор расказ на кој можеа да учествуваат млади автори. Годинава конкурсот повторно го организиравме во соработка со издавачкиот центар „Антолог“.

Конкурсот беше распишан по повод празникот „Halloween“ или „Ноќ на вештерките“ кој секоја година се одбележува на овој ден, 31 октомври.

„Ноќта на вештерките“ првенствено се одбележува во западните земји, но во последните неколку години стана глобален тренд кој се забележува и кај нас, особено помеѓу младите. Вечерта на „Halloween“ се раскажуваат страшни приказни, најмладите се маскираат, а домовите се декорираат со хорор мотиви.

На годинешниот Конкурс за краток хорор расказ пристигнаа вкупно 43 трудови, од кои, согласно правилата, наградени се три раскази.

Расказите беа оценувани од жири-комисија во која членуваа: Радмила Ванкоска – претставничка на книжевниот центар „Антолог“, Мери Јордановска – заменик-главен уредник во новинската агенција Мета.мк и Гоше Николов – новинар во Мета.мк.

Наградените раскази беа одбрани според морничавоста на темата, оригиналноста на идејата, пораката што ја испраќаат и правилното користење на македонскиот литературен јазик.

Жири-комисијата ги оцени сите пристигнати трудови како одлични и креативни, при што нијанси ги одделуваат победничките од останатите раскази. Организаторите на конкурсот им се заблагодаруваат на сите автори кои земаа учество со свои раскази.

Наградените автори ќе добијат ваучери за книги од „Антолог“ што ќе можат да ги искористат за да ја збогатат својата домашна библиотека со некои од возбудливите наслови во издаваштво на овој книжевен центар.

Според гласовите на комисијата, трето место на конкурсот освои расказот „Нокти“ на авторот под псевдоним „исклучна дисјункција“.

Истиот можете да го прочитате во продолжение.

Photo by Ricardo Gomez Angel on Unsplash

„Нокти“

Автор: „исклучна дисјункција“

Поминаа две години откако таа престана да ги грицка своите нокти. Тоа беше тежок зафат, но таа го имаше совладано. Го имаше чуено од своите пријателки. Тие имаа други начини да се одвикнат: некои ги мачкаа ноктите со лута пиперка, но тоа не беше практично; некои, пак, лепеа ливчиња хартија за ноктите, но таа не го ни проба тоа. Единствено сакаше и нејзините нокти да изгледаат убаво и елегантно, како на нејзините совршени пријателки, а не изгризани, со месото поцрвенето и издлабено околу нив.

Цела година се мачеше. Ноктите малку ќе пораснеа, таа од навика ќе ги изгрицкаше. Потоа ги сечеше сите за да бидат еднакви. И така продолжи циклусот. Таа, од срам, никому не кажа, а никој и не забележа. И некако тоа ѝ годеше, да знае дека таа самата е заслужна за подобрувањето на состојбата со нејзините нокти. Мачните денови се исплатеа. Ноктите ѝ пораснаа, еднакво долги, чисти и неизгризани. Формата не им беше совршена, но сепак ѝ носеа гордост, како и комплименти од другарките. Таа бескрајно сакаше да ги покаже, јавно да се гордее со нејзиниот макотрпен успех во поништувањето на една од нејзините лоши навики.

Дома носеше долги ракави, уште поистегнати, за да ги скрие своите раце. Истите долги нокти, кои надвор беше горда да ги покаже, тука ѝ претставуваа најголем срам. По секоја цена избегнуваше ситуации во кои ќе мораше да ги покаже. Кога мајка ѝ првпат ги забележа, таа се поднасмевна.

„Сигурно сите девојчиња во класот имате долги нокти сега. Ги следите трендовите. Такви се времињата. Порано не ги дозволуваа…“

Можеби и не беше толку страшно.

Самодовербата ѝ скокна. Кога некој ќе ја прашаше за ноктите, таа со храбра насмевка одговараше, секој пат нов одговор, нова приказна.

„Што ќе ти се ноктиштава? Како канџи се.“

„Самоодбрана. Служат многу добро како ножеви.“

„Што ти текна да ги пораснеш ноктите?“

„Моите нокти се како празни канваси, кои само чекаат да бидат обоени. Ние, уметниците, секаде со нас мора да носиме идни уметнички дела.“

„Убави ти се ноктите.“

„Вештачки се. Ги купив за 300 денари на пазар.“

„Како успеваш со нокти да се снаоѓаш?“

„Изборот беше едноставен – или нокти или нормален живот. Ако сакаш и ти нокти, да знаеш однапред дека ќе ти требаат и слуги!“

Ваквите разговори ѝ се чинеа премногу забавни. Одвај чекаше некој да ја праша, да прокоментира, за да може таа да се пошегува. Ноктите ги порасна подолги, ги боеше во пастелни бои, црташе цветови на нив. Рацете ги миеше постојано, користеше цветен сапун. Душата ѝ беше расцветана, се чинеше како топол пролетен ветрец во студената реалност.

На токму таков пролетен ден се шеташе низ ливадите со своето семејство, правеше прстени од билките. Тогаш и нејзиниот татко ја забележа.

„Од кога ги немаш исечено ноктите?!“, прошепоти тој. Таа се закикоти.

„Не е за смеење. Не смееш да си дозволиш да се најдеш во ваква ситуација.“ Го чу налутениот глас на татка си и насмевката ѝ исчезна од лицето.

„Каква ситуација?“, се осмели да праша.

„Зошто не ти се исечени ноктите?“

Девојчето го почувствува горчливиот вкус на мигот кога сѐ наеднаш може да се смени. Се чинеше како студена реалност опколена со лажен пролетен ветрец, оној што каса.

Одговорот ѝ висеше на врвот на нејзиниот јазик. Ми се допаѓаат вакви. Ги пораснав за да се одвикнам од грицкањето. Што е толку погрешно со нив? Ги сакам своите нокти како што се сакам себеси. Ги сакам зашто се дел од мене… Тешко ѝ беше да ја отвори устата и да ги оформи зборовите. Немо гледаше во таткото, немо гледаше во зелената трева, немо гледаше во ноктите. Сакаше да каже нешто, ништо не кажа. Имаше нокти, зборови немаше. Истиот ден ги исече. Веќе немаше ни нокти, ни зборови.

Повторно пораснаа. Реши да ги чува, само да ги крие од татка си. Секако, тоа не функционираше. За време на ручек, не сакајќи седна блиску до татко ѝ. Кога ги виде, ѝ рече да не се враќа на трпезата сѐ додека не ги исече. Малку се искараа. Таа повторно ги исече. Сега немаше ни нокти, ни зборови, а ни апетит. Седеше на трпезата и не можеше ни плунката да си ја подголтне. Престана да јаде зашто храната доби арома на срам и очај. Го изгуби вкусот, како што таа го изгуби гласот кога ги исече ноктите.

Тоа се случи и третпат, и четврти, и петти. Продолжи да се случува, а таа престана да брои. Почна да се сомнева во сопствените мисли.

Можеби татко ѝ бил во право. Можеби таткото секогаш е во право?

Можеби единственото решение е да ги спакува нејзините мисли и чувства во куфер?

Се наведна под креветот и го извлече куферот. Го отвори и најде грижливо наредени нокти. Веројатно, нејзините. Долги, шилести нокти со слој кал под површината. Од каде се појавила таа кал? Како нејзините нокти се нашле во куферот? И кога толку огрделе?

Го затвори куферот. Немаше место за нејзините мисли таму, а и не беа толку битни. Ноктите, за неа, беа папочна врвца до нејзината духовна утроба. Со исечени нокти, откината беше предвремено од себеси, уште пред да се оформи. Не можеше да се сети – тоа беа нокти во куферот или папочни врвци?

Ноктите ѝ пораснаа за последен пат. Зошто воопшто растат ноктите? Да имаа корења, таа ќе направеше сѐ за да ги откорне засекогаш. Би имало мир во светот тогаш. Посакуваше да не мора да го повторува болниот процес од сечење до самиот прст, длабоко, за да ја почувствува болката.

И самата не знаеше колку години поминаа откако повторно почна да си ги грицка ноктите. Го сакаше вкусот на пелин кога ги грицкаше. Нејзините нокти повторно беа само нејзини.