Благоја Стојков, авторот на „Пеколен меден месец“: Во книгите сакав да го допрам туѓото, мистериозното и забранетото

За љубовта кон пишувањето, истражувањето на жанрот трилер-мистерија и инспирацијата за приказните, Стојков зборува во интервју за Мета.мк

Благоја Стојков / колаж: Мета.мк

Авантурите, драмите и романсите со одлични жанрови кои често ги чита, но за нив вели оти се дел од секојдневието. Тоа што сакал да го „допре“ во своите досега издадени книги е „туѓото и несекојдневното, мистериозното и забранетото“ – она што на сите им е возбудливо и интересно, но ретко кој сака да го доживее, затоа што таму се случуваат најголемите трагедии.

Младиот автор Благоја Стојков на свои 19 години зад себе има три книги. Последната – „Пеколен меден месец“ – ја промовираше летово, а претходно ги издаде и „Гонејќи дух“ и „Двете ѕвезди“. Сите три дела се трилери.

Го привлекува жанрот мистерија, а освен романи пишува и раскази. Со својот расказ „Мама“, Стојков го освои првото место на Конкурсот за краток хорор расказ што новинската агенција Мета.мк во октомври минатата година го распиша по трет пат.

Благоја е студент на Факултетот за безбедност во Скопје, а живее на релација Скопје – Зрновци. Вели дека пишувањето му е хоби, а покрај тоа, сака да патува и да работи на проекти за младинска вклученост и работа. Неодамна се врати од САД, каде беше дел од петнеделни студии за младински лидери.

За љубовта кон пишувањето, истражувањето на жанрот трилер-мистерија и инспирацијата за приказните, Стојков зборува во интервју за Мета.мк.

 

Неодамна ја издаде твојата трета книга – „Пеколен меден месец“. Станува збор за трилер-мистерија. Можеш ли да ни дадеш краток преглед на романот? Дали и по што се издвојува од другите трилер-мистерии на пазарот, постои ли нешто уникатно или неконвенционално во заплетот или ликовите?

Приказната во „Пеколен меден месец“ ги следи Бен и Кејти, млад брачен пар кои одат на меден месец во американската држава Монтана и таму се соочуваат со луѓе кои го практикуваат едно од најстрашните нешта на кое се осудило човештвото – она што Фројд го класифицира како основен човеков инстинкт, но поради развитокот на културата и моралот низ историјата, се смета за табу, забрането и ужасно, што и навистина е. Тоа е она што е неконвенционално и контроверзно во романот и што го прави романот, колку – толку, уникатен.

Што те инспирираше да ја напишеш оваа приказна?

Севкупната моја вклученост во уметничкиот живот ме инспирира и самиот да создавам уметност. Конкретно за „Пеколен меден месец“, сакав да разработам две теми – една од основните човекови инстинкти за преживување, а друга од медицината, на објективен начин кој ќе ги надмине контроверзните граници на сè она што може да се класифицира како човечко. Сакав тие две ужасни и нехумани нешта да бидат голем пресврт за читателот, додека приказната се фокусира на патувањето на Бен и Кејти, секако со романтична нијанса. Ништо не правиме без малку романтика.

фото: Благоја Стојков / лична архива

Книгата е во издаваштво на книжевниот центар „Антолог“. Всушност, соработката со нив започнала откако го освои првото место на Конкурсот за краток хорор расказ што Новинската агенција Мета.мк минатата година го распиша заедно со „Антолог“. Кажи ни повеќе околу соработката со нив?

Прв пат издавам книга во соработка со книжевен центар и пресреќен сум што соработувам со „Антолог“. Тие се одлични и честа и задоволството се мои што баш „Антолог“ ја прифати мојата книга. Соработувавме и се дружевме за време на процесот на издавањето, а после тоа заедно организиравме и прекрасна промоција. Би сакал и следната книга, на која моментално работам, да ја издадеме заедно со нив.

Што е она што го сакаш најмногу во пишувањето и истражувањето на жанрот Трилер/Мистерија, со оглед на тоа дека сите три книги се од овој жанр? Дали има нешто посебно што те привлекува?

Она што ме привлекува во жанрот трилер/мистерија е фактот дека таквите приказни се убави, интересни и возбудливи, ама ретко кој би сакал да ги доживее, бидејќи таму најчесто се случуваат најголемите трагедии. Авантурите, драмите и романсите се одлични жанрови кои често ги читам, но тие се дел од нашето секојдневие. Сечиј живот е драматична авантура, зачинета со малку љубов. Во првите три книги сакав да го допрам туѓото и несекојдневното, мистериозното и забранетото. Веројатно и четвртата книга ќе припадне на истиот жанр, но тоа не ја исклучува можноста понатаму да се фокусирам и на друг литературен сегмент. Целта на мојата втора книга „Двете ѕвезди“ ми беше таа да биде историска романса, што и всушност е, но и таму преовладуваат елементите на трилер.

Авторите на трилери често создаваат сложени заплети и неочекувани пресврти. Дали знаеше како ќе заврши приказната кога почна да ја пишуваш „Пеколен меден месец“ или крајот се развиваше како што напредуваше пишувањето?

Секогаш кога создавам нова приказна почнувам од крајот и почетокот. Прво го дефинирам крајот, односно како крајот ќе биде поврзан со мотивот и идејата. Потоа се одлучувам како ќе ја започнам приказната и кои ќе бидат важните критични моменти во истата и дури тогаш почнувам да ги поврзувам почетокот и крајот.

Колку, според тебе, е важно истражувањето при пишувањето на трилери, особено кога станува збор за вметнување на елементи како полициски процедури, форензика или некои психолошки аспекти и состојби? 

Важно е, но јас никогаш не се форсирам да работам на начин на кој прво ќе одберам некоја тема па потоа ќе истражувам за истата. Оставам темата да ме одбере мене. Полициските процедури и форензиката се дел од моите студии, исто и психологијата. Настрана од тоа, читам и стручна психологија која и те како ми помага во дефинирање на психолошки аспекти и состојби. Врз основа на тие основни познавања, создавам приказна која ќе можам веродостојно да ја раскажам.

Можеш ли да споделиш некои од твоите омилени автори или книги кои влијаеле на твојот стил на пишување?

фото: Благоја Стојков / лична архива

Многу уметнички дела влијаат врз мојот стил на пишување, не само книги. „Пеколен меден месец“ има апсурдистичка и нихилистичка филозофска компонента конкретно од влијанието на Фридрих Ниче, Албер Ками и Франц Кафка. Постојат и такви книги кои еднаш ги читаш, а остануваат со тебе цел живот и влијаат врз она што го правиш, или во случајов, врз стилот на пишување. Ќе ги споменам „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“ од Виктор Иго, „Злосторство и казна“ на Достоевски, епската љубовна приказна од Толстој „Ана Каренина“ и многу други. Освен книгите, тука се и музиката и филмовите од кои добивам инспирација. Еве на пример, во книгата на која моментално работам, додека го замислувам главниот женски лик и физички го обликувам, во главата ми е една од најубавите жени на сите времиња во најдобриот филм на сите времиња – Ингрид Бергман во „Казабланка“. Случајност или не, ликот се вика Елза.

Каква е твојата рутина на пишување? Како го балансираш пишувањето со другите аспекти од твојот живот, особено со оглед на тоа дека си млад човек – студент?

Балансот е клучот за успешен и среќен живот. Пишувањето не ми одзема многу време бидејќи на него не гледам како професија, туку како хоби. Не пишувам затоа што морам, туку затоа што сакам и уживам во тоа. За пишување го користам слободното време тогаш кога чувствувам дека имам потреба од некоја ментална терапија, нешто да ме опушти и исполни, а покрај тоа да бидам и продуктивен. Накратко, пишувам редовно но во кратки временски интервали, а рутината на пишување ми се состои од три нешта – музика, музика и уште музика. Секогаш пишувам со музика, која дури понекогаш ме инспирира во авторскиот процес. Се случува да дојдам до точка каде не знам како да продолжам, па слушајќи го Аксел како пее „nothin’ lasts forever, even cold November rain“ почнувам да пишувам за минливоста на сегашноста, или пак Тина и Ерос во еден од најдобрите музички дуети во историјата на музиката (Cose Della Vita), па пишувам за љубовта.

Која порака би им ја упатил на младите автори или на оние кои размислуваат, но сè уште не решиле да го напишат или издадат своето веќе напишано дело?

За сите автори, музичари, уметници: што би рекол Буковски – не се обидувајте. Ама ако веќе се обидете, одете до крај, не застанувајте и не се откажувајте. Обидете се само ако сте подготвени да одите до крај!