Објавен е романот „Пеколен меден месец“ на Благоја Стојков во издание на „Антолог“

Стојков го освои првото место на минатогодишниот Конкурс за краток хорор расказ што Новинската агенција Мета.мк го распиша трета година по ред, тогаш во соработка со „Антолог“. Победничкиот расказ на Стојков беше насловен „Мама“

фото: Благоја Стојков

Објавен е новиот роман „Пеколен меден месец“ на младиот македонски автор Благоја Стојков. Промоцијата на книгата се одржа минатиот понеделник, а најновото дело на Стојков е во издание на издавачката куќа „Антолог“.

Промотор на романот е Јане Алтипармаков, додека модератор на промоцијата беше Катерина Котеска.

Инаку, Стојков го освои првото место на минатогодишниот Конкурс за краток хорор расказ што Новинската агенција Мета го распиша трета година по ред, тогаш во соработка со „Антолог“. Победничкиот расказ на Стојков беше насловен „Мама“. Токму учеството на конкурсот и наградата придонеле кон тоа Стојков и издавачкиот центар „Антолог“ да го договорат издавањето на неговиот нов роман.

Книгата „Пеколен меден месец“ е од жанрот трилер – мистерија.

„Во науката го нарекуваат енергија. Во религијата – верба. Лаички е ‚‚вајб‘‘ или атмосфера. Шесто сетило. Гатачите го декларираат како претчувство. Уметниците – спиритуалност. Не знам како е правилно, знам дека постои. И дека треба да му се верува. Бен, млад, луд, со апетит за авантура, сосема случајно и неочекувано ја запознава Кејти – нежна, емотивна, склона кон романтизирање на животот. Љубовта го наоѓа својот пат и ги спојува двајцата млади луѓе. Бен и Кејти се заљубуваат. Онака – вистински, исконски, неприкосновено. Набрзо стапуваат во брак. А што следува потоа? Секако дека меден месец. Одлучуваат да одат во Монтана, САД. Но што може да тргне по зло?… Бен и Кејти во Монтана се среќаваат со најстрашното нешто на кое некогаш се осудило човештвото“, стои во описот на романот.

Благоја Стојков е роден во Кочани, има 19 години и живее на релација Зрновци – Скопје, каде студира.

Автор е на уште две книги – „Гонејќи дух“ и „Двете ѕвезди“.

Расказот „Мама“ го освои првото место на Конкурсот за краток хорор расказ