Второто издание на настанот „Клинци“ в петок во Europe House Skopje

Учесници на настанот ќе бидат младите автори Викторија Ангеловска, Драгана Стојадиновска, Дамјан Златановски и Софија Тодороска, кои ќе се претстават со поезија и проза

фото: Култура Бета

Неформалната организација за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ в петок, на први март, по вторпат го организира настанот за млади „Клинци“, на кој ќе се претстават четворица млади автори и ќе биде поставена изложба на младиот уметник Бојан Звездаковски.

Учесници на „Клинци“ ќе бидат младите автори Викторија Ангеловска, Драгана Стојадиновска, Дамјан Златановски и Софија Тодороска, кои ќе се претстават со поезија и проза.

Звездаковски, пак, чија изложба ќе биде поставена, е уметник и визуелен наратор кој го идентификува неговиот уметнички стил како „мрачен надреализам“. Во текот на неговото уметничко патешествие експериментирал со повеќе медиуми и техники, како фотографија, колаж, графички дизајн, моден дизајн, сликање и дигитално цртање, кои денес заедно ги комбинира во делата што ги создава.

„Некои ќе речат, а можеби и ќе викнат, гордо ќе кажат ‘Порано младите беа подобри…’. Инспирирани, испровоцирани, поттикнати од таквите мудри изреки, почнуваме со еден нов концепт на книжевни читања наречен ‘Клинци’. Секое издание ве запознаваме со четворица млади автори кои штотуку влегуваат на книжевната сцена, ве запознаваме со нивната поезија и проза, а секое издание ќе биде дополнето и со изложба“, велат од „Култура Бета“.

Настанот „Клинци“ има за цел да стави фокус на младите книжевници и ликовни уметници и да отвори можност тие пошироко да се претстават пред публиката со своето творештво. Настанот е организиран со поддршка од Europe House, а модератор ќе биде младиот поет Андреј Медиќ Лазаревски.