Мистериозната драма, книгата „Збогум, сеништа“ на италијанската авторка Надја Теранова од денеска е достапна и за македонската читателска публика во издание на „Антолог“.
Станува збор за поетичен и интимен роман за изградбата на сопствениот идентитет кој раскажува за опседнатоста со загубата, таа борба гради в гради што сите мора да најдеме начин да ја преживееме.
Имено, протагонистка е 30-годишната Ида која живее со својот сопруг во Рим и работи во радиостаница. Тукушто пристигнува во Месина, својот роден град. Мајка ѝ планира да го реновира семејниот дом и да го продаде, па ја вика ќерка си да ѝ помогне при расчистувањето, да провери што сака да задржи. Опкружена со предметите од минатото, Ида е принудена да се соочи со траумата што ја има обележано. Дваесет и три години претходно исчезнал татко ѝ: едно утро просто си заминал и никогаш веќе не се вратил. Од неговото отсуство произлегува свирепиот молк кон мајката, идентитетот заснован врз неправилност, па дури и односот со сопругот, истовремено спас и бродолом. Отсликувајќи се во недостигот, Ида станува жена под силно влијание на стравот и на сомнежот кон секаков вид желба.
Надја Теранова е италијанска писателка и преведувачка која има дипломирано филозофија. Пишува и за деца и за возрасни. Дебитира во 2012 година со роман за деца инспириран од животот на Бруно Шулц. Во 2015 година ѝ излегува првиот роман за возрасни. Соработува со голем број весници и списанија. Од 2021 година има своја рубрика во списанието „Венити фер“, во која пишува за современите жени. Нејзиниот роман „Збогум, сеништа“ е добитник на повеќе награди, а „Кориере дела сера“ го вброи во десетте најдобри романи за 2018 година.
Преводот на македонски јазик го направи Калина Јанева, а графичкото уредување е на Марко Трпески.
Книгата е објавена во рамките на проектот Храбри нови зборови, прекрасни нови светови / Europe is BRAVE NEW WOR(L)DS од издавачката куќа „Антолог“, преку кој на македонската читателска публика ќе ѝ бидат претставени 10 прозни дела од врвни европски автори, преведени на македонски јазик од докажани преведувачи со кои оваа издавачка куќа има долгогодишна соработка. Истиот е реализиран со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија и на Министерството за култура на Република Северна Македонија.