„Премолчен колеж“ – второ место на конкурсот за краток хорор расказ

Според гласовите на комисијата, второ место на конкурсот освои расказот „Премолжен колеж“ на авторот под псевдоним „Немо“

Photo by WEB AGENCY on Unsplash

Новинската агенција „Мета.мк“ четврта година по ред распиша Конкурс за краток хорор расказ на кој можеа да учествуваат млади автори. Годинава конкурсот повторно го организиравме во соработка со издавачкиот центар „Антолог“.

Конкурсот беше распишан по повод празникот „Halloween“ или „Ноќ на вештерките“ кој секоја година се одбележува на овој ден, 31 октомври.

„Ноќта на вештерките“ првенствено се одбележува во западните земји, но во последните неколку години стана глобален тренд кој се забележува и кај нас, особено помеѓу младите. Вечерта на „Halloween“ се раскажуваат страшни приказни, најмладите се маскираат, а домовите се декорираат со хорор мотиви.

На годинешниот Конкурс за краток хорор расказ пристигнаа вкупно 43 трудови, од кои, согласно правилата, наградени се три раскази.

Расказите беа оценувани од жири-комисија во која членуваа: Радмила Ванкоска – претставничка на книжевниот центар „Антолог“, Мери Јордановска – заменик-главен уредник во новинската агенција Мета.мк и Гоше Николов – новинар во Мета.мк.

Наградените раскази беа одбрани според морничавоста на темата, оригиналноста на идејата, пораката што ја испраќаат и правилното користење на македонскиот литературен јазик.

Жири-комисијата ги оцени сите пристигнати трудови како одлични и креативни, при што нијанси ги одделуваат победничките од останатите раскази. Организаторите на конкурсот им се заблагодаруваат на сите автори кои земаа учество со свои раскази.

Наградените автори ќе добијат ваучери за книги од „Антолог“ што ќе можат да ги искористат за да ја збогатат својата домашна библиотека со некои од возбудливите наслови во издаваштво на овој книжевен центар.

Според гласовите на комисијата, второ место на конкурсот освои расказот „Премолжен колеж“ на авторот под псевдоним „Немо“.

Истиот можете да го прочитате во продолжение.

Photo by Daniel Jensen on Unsplash

„Премолчен колеж“

Автор: „Немо“

Стариот истоштен и полураспаднат брод беше целосно предаден на волјата на брановите и според зборовите на најискусниот морнар, пред да го напушти душата во мугрите, следното раѓање на сонцето требаше да го дочекаат на копно.

Четворица млади морнари и еден археолог, сите со распарталена облека, со бледи, суви и уморни лица стоеја и во рацете држеа остри алатки и предмети, божемно оружје со кое требаше да се бранат. На бродот сѐ беше тивко, а зајдисонцето што се давеше во морето личеше на презреана тиква, која со изострени заби злокобно им се насмевнува. Археологот од торбата извади едно шише виски и тури во дрвените чаши што се наоѓаа на бурето што служеше како масичка. Неволно ја крена чашата како да сака да наздрави, но тоа не беше наздравување, не по синоќешните ужаси што го снајдоа екипажот на бродот Аждер. Се напи голтка и погледот го спушти надолу кон крвавите штици, а тие молскавично му ги евоцираа грозоморните случки од претходната ноќ.

Во обид да се истакне во својата земја како млад и ентузијастички археолог, тој го изнајми овој брод заедно со својот екипаж со цел да го пренесе своето откритие – останките од една гробница што ја беше пронашол во едно од бога заборавено словенско село. Всушност, тоа беа стари ковчези од дрво обложени со железна рамка. На челниот дел од ковчегот можеа да се забележат остатоци од орнаменти, но тие беа делумно оштетени. Морнарите не се прашуваа многу за товарот што требаше да биде пренесен бидејќи им беше добро платено, па дури и преплатено. Постигнувајќи договор, успешно испловија утредента и патувањето течеше спокојно првите две недели, но кога месечината доби полна форма и нејзината светлина допре до дното од бродот каде што се наоѓаа ковчезите, се слушна толку силен вресок небаре се собрале стотици тажачки да оплакуваат мртов човек и како наезда од бесни фурии од скалите што водеа нагоре до палубата излетаа три иглозаби девојки со црни светкави очи без зеници, нагрдени лица, бледа телесна форма низ која контрастно се мешаа црната боја од нивната коса и долгите поцрнети нокти. Разбеснето им се нафрлија на морнарите забивајќи ги забите во нивните грклани и гради, истовремено откинувајќи им делови од телото додека тие ужаснати од болки врескаа. Неколкумина од нив, најсмелите, се обидоа да го запрат јуришот на девојките, но попусто, во утрината беа насекаде расфрлани само нивните останки, а тоа беше глетка од која нагон на повраќање би добил и капетан што целиот свој живот го поминал на море. Таа грозоморна слика – остатоци од раце, нозе, човечки глави, испокинати човекови трупови и уште што не друго, мораше да го собираат нај(не)среќните петмина што го дочекаа утрото зашто со раѓањето на денот девојките со иста онаа налет со која дојдоа се вратија назад, на дното од бродот.

Брегот сѐ уште не беше на видик, а дневната светлина, од која очигледно беа исплашени девојките, преживеаните веднаш ја искористија за кроење планови за спас од она што ги чекаше вечерта. Не ни помислуваа да слезат долу. Само археологот стоеше малку понастрана, тивок, и со замислен поглед тонеше во страниците на една книга, на моменти покажувајќи на лицето израз на голема возбуда. Еден од преостанатите заканувачки му се обрати и ја критикуваше неговата негрижа обвинувајќи го за несреќата што ги снајде нивните пријатели и сопатници, но страстите бргу се смирија. Денот врвеше.

***

Првата тура беше веднаш испиена и археологот поита да ги наполни чашите уште еднаш. Втората тура им даде каква-таква надеж дека може да се борат и да се надеваат дека ќе го дочекаат копното, иако апсурдно беше да се помисли на каква било надеж по она што го посведочија минатата ноќ.

Алкохолот беше испиен. Настапи мрак. Профучи ветер и ја наруши мртвата тишина на бродот, кој почна да крцка под нишањето на морските немирни бранови. На палубата гореа неколку фенери, чиј пламен на моменти се намалуваше од силниот ветер.

Се слушна тропање, кое доаѓаше од долниот дел на бродот. Сите го упатија погледот кон скалите што водеа нагоре и се ставија на готовс. Беа во исчекување. Но, што исчекуваа? Својата смрт? Во следниот миг на палубата се појавија тие – со злокобен поглед ги покажуваа своите иглести заби спремни повторно да ги окрвават. Морнарите охрабрени од алкохолот направија чекор напред и повторно се слушна оној силен вресок. Борбата почна, а за тоа време археологот се повлекуваше наназад. Сѐ заврши многу бргу. Човечката крв ја бојадиса палубата. Се слушна шушкање страници и девојките веднаш го упатија погледот натаму. Тоа беше археологот, кој се мачеше да прочита нешто од книгата. Во моментот пред да биде распарчен, со последни сили изговори такви зборови што предизвикаа призрачните грозотии во истиот миг да застанат. Всушност, утрината додека ја прелистуваше книгата неочекувано му светна дека во ковчезите почиваат коските на три млади девојки, во словенската митологија познати со името стриги. Тие застанаа пред него затоа што тој прочита стара словенска клетва со која загосподари над нивните души. Тие почнаа да зборуваат со рапав и застрашувачки глас, а нивниот одговор му го намали стравот затоа што сега тој говореше посмело и во неговите очи се оцртуваше онаа боја на жар што може да се види при морското зајдисонце.

Сведок на нивниот разговор беше момчето што минатата вечер, криејќи се во капетанската кабина, се онесвести од страв, но никој не се обиде да го побара затоа што сите мислеа дека е мртов, а и целиот екипаж ja биеше битка на палубата, вклучувајќи го и капетанот. Тој, преплашен, ѕиркаше низ скршениот прозорец од капетанската кабина и внимателно го следеше текот на разговорот меѓу призраците и археологот. Од она што го слушна го обзеде голем ужас. Археологот им вети дека ќе ги пренесе нивните ковчези на копното давајќи им целосна слобода за крвопролевање, а за возврат тие да му го носат богатството од нивните жртви. Момчето се тргна од прозорецот и тивко залипа. Не, не смееше да дозволи бродот да стигне до брегот на островот, не по она на што посведочи. Се сви на подот чувствувајќи се беспомошно. Најпосле здогледа едно превртено буре од кое беше истечено нешто што личеше на црн ситен песок. Се доближи, погледна внимателно, ги ококори очите возбудливо и тивко проговори: Барут! Имаше неколку буриња, а тоа му влеа малку смелост во младото срце и во моментот беше спремен да го жртвува својот живот и да го уништи бродот за проклетите грозотии да не може да стигнат до копното.

Вратите на капетанската кабина се отворија и по скалите се стркала едно буре, кое со поглед го следеа новите бродосопственици. На вратата се појави младо момче со чкорче во рацете, кое само се наведна и го остави на земјата. Огнени јазици зајуришаа по бурето додека не се чу силна експлозија на палубата, а потем и во капетанската кабина. Бродот беше проголтан од оган и вода.

Неколкумина рибари, утрината, следејќи го чадот, се појавија на местото на несреќата. Насекаде во водата имаше расфрлано бродски штици, а на едно поголемо парче дрво беше легнато момче на чија лева страна од лицето се гледаа изгореници. Кога се пробуди, рибарите почнаа да го прашуваат што се случило, но попусто. Тој вџашено ги гледаше, но до него не допираше никаков звук, а и самиот тој не можеше да испушти глас.

***

Во годината 2023 неколкумина нуркачи, кои го проучуваа подводниот животински свет, на дното открија остатоци од брод, ковчези и ситни дреболии, кои припаѓаа на некое подамнешно време. Со цел истражување на бродот и содржината на дрвените ковчези обложени со железни ‘рѓосани рабови, тие побараа дозвола од властите да ги извадат останките со цел да ја проучат причината за несреќата на овој брод толку блиску до островот.