Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го подготви македонското издание на романот „Сочувство“ од португалската писателка Дулсе Марија Кардозо. Романот е добитник на Европската награда за литература во 2009 година, а преводот на македонски е на Ненад Трповски.
Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Дулсе Марија Кардозо (1964) е португалска писателка. Детството го минала во Ангола. Студирала право и работела како адвокатка, пред да се посвети на писателската професија. Израснала во една од најоригиналните уметнички појави на новата генерација португалски писатели, мајсторка на оригиналната проза и на нестандардното раскажување. Добитничка е на наградата на португалскиот ПЕН-клуб.