АВМУ: Анкети ќе се објавуваат до понеделник, 24 септември, а молк од петок, 28 септември


Скопје, 21 септември, 2018 - 14:42 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги потсетува радиодифузерите дека резултати од испитувања на јавното мислење во врска со референдумот може да се објавуваат најдоцна пет дена пред датумот одреден за гласањето. Оттаму, резултати од анкети на јавното мислење може да се објавуваат заклучно со понеделник, 24 септември 2018 година.

Како што соопшти АВМУ, рефендумскиот молк започнува 48 часа пред денот на гласањето, односно в петок, 28 септември 2018 година и завршува со затворањето на гласачките места во 19 часот на 30 септември 2018 година. За време на молкот треба да престанат сите облици на јавна пропаганда поврзана со референдумот.

АВМУ ги повикува радиодифузерите за повеќе детали да го консултираат упатството за медиумско претставување за време на референдум, достапно на веб-страницата на Агенцијата во банерот „Референдум 2018“.

Агенцијата додава дека следната недела ќе бидат објавени извештаите за констатираните прекршувања и првиот извештај за медиумското покривање на референдумот.


Балкански барометар 2018: Регионот врви кон подобро, Македонија полека го следи


Скопје, 6 јули, 2018 - 12:20 (META) 

Задоволството во животот генерално се зголемува во регионот на Балканот, без членките на ЕУ, а загриженостите полека опаѓаат, се вели во најновото издание, за 2018, на Балканскиот барометар на Регионалниот совет за соработка (РСС).

Изданието ги пренесува наодите од повеќе анкети, кои за  РСС се спроведени од ГфК на крајот на минатата година, со над 6.000 граѓани од Балканот и 1.200 компании.

Генералното задоволство од животот се подобрува и сега изнесува 42 отсто, наспроти 35 отсто во 2015 година, што пак значи и пораст на оптимизмот за годините што следуваат. Во Македонија од 1.005 испитаници, 20 отсто рекле дека се целосно незадоволни од својот живот, главно незадоволни се 29 отсто, 34 отсто се изразиле како ниту незадоволни, ниту задоволни, додека 17 отсто рекле дека се главно задоволни од животот, а само 1 отсто се целосно задоволни. Ниту еден од 1.005 испитаници во Македонија не одбил да даде одговор ниту пак немал став.

Кај бизнис секторот на Балканот, 62 отсто позитивно се изразиле за сегашната ситуација и перспективите, што е голем пораст од 2015 година, кога со такво генерално расположение биле 47 отсто од фирмите.

Загриженоста кај населението во регионот во поглед на невработеноста е 61 отсто, за разлика од резултатите минатата година, кога таа биле 66 отсто. Загриженоста за економската ситуација изнесува 46 отсто, за разлика од 48 отсто лани. Следна на листата е корупцијата, кога сега е причина за загриженост кај 29 отсто од испитаниците, за разлика од 32 отсто во 2017 година. Криминалот предизвикува загриженост кај 16 отсто од луѓето, што е еден процент помалку од лани, пораст на загриженоста е забележан во поглед на одливот на мозоци и емиграцијата, што е важно за 12 отсто од испитаниците, и овој индекс пораснал за 2 проценти во однос на 2017 година.

Дури 56 отсто од граѓаните се незадоволни со актуелната состојба на економијата во нивната земја.

Во Македонија, од 1.005 испитаници на прашањето колку сте задоволни од финансиската состојба на Вашето домаќинство, 11 отсто кажале дека е комплетно незадоволни, 23 отсто дека се главно незадоволни, а 37 отсто ниту задоволни, ниту незадоволни. Главно задоволни се 27 отсто од испитаниците, а 3 отсто од нив биле целосно задоволни.

Во поглед на безбедносната ситуација, односно ризиците од криминал, тероризам, неконтролирани миграции и оружени конфликти, во Македонија 14 отсто се целосно незадоволни и загрижени, главно задоволни се 26 отсто, 35 отсто се ниту задоволни, ниту незадоволни, а главно се задоволни 22 отсто. Само два отсто се целосно задоволни.

РСС е меѓувладино оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во ЈИЕ, чиј основач и полноправен член е и Република Македонија.


Словенците денеска избираат претседател, Борут Пахор фаворит


Љубљана, 22 октомври, 2017 - 10:35 (META) 

Повеќе од 3.000 избирачки места утрово во 7 часот се отворени во Словенија, а 1,7 милиони гласачи по шести пат од осамостојувањето на земјата ќе избираат претседател на државата.

За шеф на држвата се тркаат девет кандидати, меѓу кои пет се жени, најмногу досега. Сепак, најголеми шанси за победа на претседателските избори, според испитувањата на јавното мислење објавени изминатите денови, има актуелниот претседател на Словенија, Борут Пахор, кој се бори за својот втор петгодишен мандат.

Според последните анкети, Пахор би можел да добие повеќе од 50 отсто од гласовите, а најблизок конкурент му е Марјан Шарец, со 20 отсто од гласовите, пренесува ХРТ.

Избирачките места се затвораат во 19 часот, кога ќе бидат објавени проекциите на резултатите врз основа на анкетите за излезност.

Првичните резултати ќе бидат објавени денеска, доцна навечер, кога ќе биде познато дали ќе биде потребен втор круг од изборите, кој би се одржал за две недели.


Заев: За кандидатите за градоначалници ќе се водиме според анкетите


Берово, 28 август, 2017 - 16:03 (META) 

Кандидатите за градоначалници и советници во општините, СДСМ ќе ги бира според резултатите од анкетите кои се во тек, соопшти денеска премиерот Зоран Заев за време на посетата во Берово.

– Општините во севкупниот живот на граѓаните се сериозен фактор со влијание. Под нив се училиштата, градинките, комуналните претпријатија, допираат во секоја сфера од животот и семејството. Затоа да бидеме паметни, да кандидираме добри кандидати за градоначалници кои се по мерка на граѓаните – рече Заев.

Премиерот додаде дека веќе следните денови ќе се донесат одлуки кои ќе бидат кандидати за градоначалници и советници.

– Среќен сум што има многу кандидати кои претендираат за овие функции во СДСМ што не беше порано така. Но, оние кандидати кои имаат најголема поддршка ќе ја добијат нашата доверба, бидејќи ветивме долг период да бидеме сервис на граѓаните. Анкетите покажуваат дека партиите се од секундарно значење, важни се кандидатите и програмите – додаде Заев.

Премиерот истакна дека очекува регуларни, кредибилни, фер и демократски избори на кои граѓаните ќе ги изберат првите луѓе на општината и советниците.


Претседателот на Собранието, Џафери денеска ќе ги распише локалните избори


Скопје, 6 август, 2017 - 10:37 (META) 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска напладне, ќе потпише решение за распишување избори за членови на советите на општините и на советот на Град Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на градот Скопје, информираат од кабинетот на собранискиот спикер.

По потпишувањето, предвидено е претседателот Џафери да даде изјава.

Локалните избори треба да се одржат на 15 октомври, а изборната кампања треба да почне на 25 септември.

Премиерот Зоран Заев вчера во Охрид изјави дека СДСМ ќе прави анкети на кои граѓаните сами ќе предлагаат кој е најдобар кандидат за градоначалник за нивната општина.

– Ние постапките ќе ги продолжиме веднаш по 20 август, кога ќе завршат одморите и завршува туристичката сезона за преку анкетирање да ги видиме најдобрите кандидати, не за Заев. Спасовски, Шекеринска од делот на СДСМ туку најдобрите за граѓаните. Сакаме да го слушнеме гласот на народот и преку анкети тие да ни кажат кого тие го сакаат за свој татко или мајка на градот во кој живеат – рече Заев.


Јужна Кореја избира нов претседател на државата


Сеул, 9 мај, 2017 - 10:38 (META) 

Граѓаните на Јужна Кореја денеска избираат нов претседател на земјата, откако во март оваа година од функцијата шеф на државата беше сменета Парк Геун-хје, поради корупциски скандал.

Како што пренесуваат светските агенции, анкетите предвидуваат победа на либералниот кандидат Мун Џае-ин, кој, меѓу другото, се залага за подобрување на односите со Северна Кореја. Негов најжесток ривал е Ан Чеол-су.

Мун Џае-ин е јасен фаворит во земјата, каде силните конзервативни сили се обидуваат повторно да се групираат по корупцискиот скандал, кој во март доведе до смена на претседателката Парк Геун-хје.

Последната анкета објавена минатата недела покажува дека Мун Џае-ин, кој е кандидат на Демократската партија, има околу 20 процентни поени повеќе од своите двајца главни ривали, кандидатите на центристите и на конзервативците.

Доколу победи, тоа ќе значи крај на речиси десетгодишното владеење на конзервативците во Јужна Кореја, односно на Парк Геун-хје и на нејзиниот претходник Ли Мјунг-бак.


Се затвори институтот „Павел Шатев“


Скопје, 21 март, 2017 - 17:47 (META) 

Здружението на граѓани Институт „Павел Шатев“ престана да постои со одлука на собранието на здружението, донесена на 2 март годинава, пишува порталот „Призма“. Одлуката денеска била потврдена во Централниот регистар и институтот е избришан од евиденцијата на здруженија на граѓани.

Здружението, кое постоеше пет години, беше познато по анкетите за јавно мислење кои речиси без исклучок даваа предност на ВМРО-ДПМНЕ.

Последната анкета на овој институт беше објавена на 10 декември минатата година, еден ден пред предвремените парламентарни избори.


Макрон ќе ја победи Ле Пен во вториот круг, покажуваат анкетите


Париз, 6 февруари, 2017 - 21:10 (META) 

Независниот кандидат на изборите за претседател на Франција, Емануел Макрон, во вториот круг убедливо би ја победил Марин ле Пен, покажуваат најновите истражувања на јавното мислење.

Анкетата, која ја спроведе францускиот институт за истражување на јавното мислење „Опинионвеј“, покажува дека Макрон и Ле Пен ќе се квалификуваат за вториот круг, кој ќе се одржи на 7 мај.

Марон би имал предност од 65 отсто гласови во однос на 35 отсто колку што би освоила неговата противкандидатка.

Во првиот круг, закажан за 23 април, Марин Ле Пен би избила на чело на трката за претседател со 26 отсто гласови, додека Макрон би добил 23 отсто, а досегашниот фаворит, кандидатот од десниот центар, Франсоа Фијон, би го освоил третото место со околу 20 отсто од гласовите, но би бил елиминиран од понатамошната борба.

Емануел Макрон во саботата на предизборниот митинг во Лион порача дека би можел да ја обедини поделената Франција.

Тој себе се претстави како единствен кандидат способен да се издигне над традиционалната поделба на левица и на десница и дека ќе ја заземе позицијата на центар.


Предизборни анкети смеат да се објавуваат до 6 декември


Скопје, 4 декември, 2016 - 9:44 (META) 

Анкетите што покажуваат во која насока се движи јавното мислење во предизборниот период и колкав е рејтингот на политичките партии, според Изборниот законик, смеат да се објавуваат најдоцна пет дена пред денот на изборите, односно до 6 декември.

Резултатите од испитувањата на јавното мислење спроведени на самиот ден на изборите, пак, не смеат да се објавуваат пред 19 часот, односно пред затворањето на избирачките места.

При објавување на резултатите, медиумите се должни да наведат податоци за името на нарачателот што го побарал и го платил испитувањето, институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето.

Последната анкета,  објавена пред два дена, која ја спроведе агенцијата „Рејтинг“, по нарачка на „24 Вести“ покажа до сега најмала разлика помеѓу двете најголеми политички партии од македонскиот блок, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ односно само 1,4 отсто предност за владејачката партија. Според истражувањето, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 29,9 отсто од испитаниците, за СДСМ 28,5 отсто, за ДУИ 6,8 отсто, а за ДПА 2,8 проценти.

Пред анекатата на „Рејтинг“, на 25 ноември, со свои истражувања на јавното мислење излегоа и „Брима Галуп“, по нарачка на неделникот „Република“, а потоа и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и МЦМС во соработка со телевизија „Телма“.

Иако објавени во ист ден, овие анкети имаа далеку поразлични резултати. Според анкетата на „Брима Галуп“, разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е 9,1 отсто, а според анкетата на Институт за демократија „Социетас цивилис“ разликата е 4,8 отсто.

Истражувањето на „Брима Галуп“ покажа дека доколку следната недела се одржат избори, 25,8 отсто од граѓаните би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, за СДСМ би се изјасниле 16,7 отсто, за ДУИ би гласале 6,5 отсто, за ДПА – 3 отсто, за Беса – 3,2 отсто, неодлучни би биле 14 отсто, а без одговор би биле 11,5 отсто од испитаниците.

Резултатите на анкетата на Институт за демократија „Социетас цивилис“, од друга страна, покажуваа дека за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 23,7 отсто од гласачите, за СДСМ – 18,9 отсто, за ДУИ – 6,2 отсто, за ДПА – 3,3 отсто, за Беса – 1,2 отсто, додека за други партии би гласале 4,9 отсто.

Разликата во рејтинзите меѓу двете најголеми македонски партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, е 4,2 отсто во прилог на владејачката партија, покажаа резултатите од последната анкета на агенцијата „Фактор плус Адриа“, објавена на 27 октомври.

На 15 октомври, анкета спроведе и институтот „Димитрија Чуповски“, чии резултати покажаа дека за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 27,6 отсто од граѓаните, за СДСМ 16,1 отсто, за ДУИ 6,3 отсто, а за ДПА 2,9 отсто од граѓаните. За одговорот „ниту една партија“ се одлучиле 22 отсто од испитаниците, а „не знам“ одговориле 17,4 отсто.

Меѓународниот републикански институт (ИРИ), кој прави неколку истражувања на јавното мислење во текот на годината на повеќе теми, најави дека нема да прави предизборна анкета за рејтингот на политичките партии во Македонија.

Анкетите на ИРИ важат за едни од најточните и најрелевантните кога станува збор за рејтингот на политичките партии и за рејтингот што го имаат нивните лидери.

Според последната анкета на ИРИ, која беше објавена на 9 јуни, 27 отсто од испитаниците се изјаснале дека би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 18 отсто за СДСМ, 23 биле без одговор, за ДУИ се одлучиле 6 отсто, за ДПА – 3 отсто, а ливчето би го поништиле 9 отсто од анкетираните.


Сите прават анкети, ама ги кријат рејтинзите


Скопје, 27 септември, 2016 - 11:05 (META) 

Неполни три месеци пред предвремените парламентарни избори, во јавноста нема ниту една анкета што ќе го покаже рејтингот на политичките партии. Изборниот законик предвидува дека анкети на јавното мислење за изборните резултати може да се објавуваат најдоцна пет дена пред денот на одржување на изборите.

Аналитичарите и истражувачите се согласни дека политичките партии континуирано прават анкети за рејтинзите, но не ги објавуваат јавно туку ги користат за интерна употреба.

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека овој предизборен период ќе биде поинаков од претходните изборни циклуси и дека тој ќе почне подоцна од вообичаеното.

– Мислам дека овој предизборен период ќе почне многу подоцна за разлика од претходните избори што сме ги имале. Јавни анкети нема, туку партиите нарачуваат истражувања на рејтинзите само за интерна употреба. Но, не недостигаат само анкети во јавноста, партиите ги нема ни на терен ниту, пак, се активирани општинските организации. Тоа се должи на фактот што партиите мислат дека овие избори нема да ја решат кризата – вели Арсовски.

Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС) вели дека работат на предизборна анкета која најверојатно ќе биде објавена во октомври.

– Уште е рано за предизборни анкети и за рејтинзи на партиите. Ние ќе објавиме една анкета, најверојатно во октомври, а ќе видиме дали ќе имаме финансии за две анкети пред изборите. Доколку имаме, ќе објавиме уште една, најверојатно во ноември – вели Владимир Божиновски.

Анкети пред избори ќе има, партиите нарачуваат и сега, но ги користат за нивна партиска употреба и за стратегија, вели Башким Бакиу од Институт за креирање политики и добро владеење.

– Последните направени анкети што ги објавивме беа пред летото. Моментално правиме анкети на разни теми и тие ќе бидат објавени во периодот што следува. Нашиот институт најчесто право прави анкети, а потоа ги продава на партиите. Засега немаме нарачки од политичките партии за анкети што го мерат нивниот рејтинг, но убеден сум дека во периодот што следува, пред изборите, ќе има. Обично анкетите што ги нарачуваат партиите потоа ги користат за интерна употреба, а не ги објавуваат – додава Бакиу.

Меѓународниот републикански институт (ИРИ) кој прави неколку истражувања на јавното мислење во текот на годината на повеќе теми, нема најави за предизборна анкета со рејтингот на политичките партии во Македонија.

– Засега немаме во план анкета што би ја објавиле пред претстојните парламентарни избори кои се закажани на 11 декември – вели Илина Мангова, претставник од ИРИ во Македонија.

Според последната анкета на ИРИ, која беше објавена на 9 јуни, 27 отсто од испитаниците се изјаснале дека би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 18 отсто за СДСМ, 23 биле без одговор, за ДУИ се одлучиле 6 отсто, за ДПА – 3 отсто, а ливчето би го поништиле 9 отсто од анкетираните.

tabela2
                                                 Рејтинг на политичките партии во последните четири анкети на ИРИ