fbpx

В недела избори во Унгарија и во Србија: Орбан се бори да остане 20 години на власт, Вучиќ за нов мандат

-

На 3 април во Србија и Унгарија ќе се одржат избори коишто треба да определат кој ќе раководи наредните години со овие две земји. Во Унгарија, актуелниот премиер Виктор Орбан се бори да освои нов премиерски мандат на парламентарните избори. Тој веќе беше премиер во периодот од 1998 до 2002 година, како и од 2010 година до денес. Ако победи на парламентарните избори во недела, Орбан ќе стане единствен премиер на земја-членка во ЕУ кој успеал да остане на оваа позиција во период од две децении, но и да победи на четири последователни избори.

Анкетните резултати од Унгарија покажуваат дека неговата партија Фидеш е во благо водство пред обединетата унгарска опозиција. Провладините агенции што спроведуваат анкети прогнозираат дека партијата на Виктор Орбан ќе има од 5 до 7 процентно водство пред опозицијата, но независните анкетари велат дека ваквото водство е само 3 проценти и е во рамките на статистичка грешка, пишува Балкан Инсајт.

И според последните анкети на Политико, актуелната владејачка партија води со околу 6 проценти пред обединетата унгарска опозиција. Но, две помали политички партии кои самостојно настапуваат на изборите имаат заедно околу 5 проценти на анкетите и токму нивните гласачи би можеле да го определат победникот на изборите во недела.

Аналитичарите за Ал Џазеира велат дека Унгарија во недела ќе избира помеѓу демократизација или авторитаризам, додека атмосферата во земјата пред изборите е тензична. Петер Марки-Зеј е кандидат на здружената опозиција за нов премиер на Унгарија, но и во оваа коалиција има партии кои спаѓаат во политичкиот спектар од радикална десница до левичарски партии и зелените. За сите нив, во фокусот на предизборната кампања беше јасната порака до Унгарците за да изберат дали сакаат да бидат дел од Западот или Истокот на Европа.

Заедно со Унгарија, во ист ден, претседателски, парламентарни и локални избори ќе се одржат и во Србија. Повеќе анкетни истражувања кои ги пренесуваа Гласот на Америка на српски јазик и весникот Данас прогнозираат дека актуелниот српски претседател Александар Вучиќ би можел да освои околу 60 отсто од гласовите и претседателските избори да завршат уште во првиот круг.

Кандидатот на здружената српска опозиција Здравко Понош би освоил од 16,4 до 18,4 отсто од гласовите и би се нашол на второ место. Сепак, релевантните анкетни истражувања посочуваат дека ако излезноста на изборите во Србија се искачи над 60 отсто, тогаш тоа би можело да му ги помати сметките на Вучиќ за победа на претседателските избори во првиот круг.

Во однос на парламентарните избори, анкетите покажуваат дека Српската напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ би можела да освои од 51,4 до 57 отсто од гласовите. Двете опозициски коалиции „Обединети за победа на Србија“ и „Мораме“ би освоиле би освоиле заедно од 20 до 25 отсто од гласовите. Социјалистичката партија на Србија би можела исто така да влезе во српскиот парламент, додека со рејтинг околу цензусот се наоѓаат неколку политички партии.

Како што пишува белградски „Данас“, во недела во Србија најинтересни би можеле да бидат локалните избори во Белград, каде што се избира нов градоначалник. Владејачката коалиција на чело со СНС го кандидира Александар Шапиќ за градоначалник и тој има поддршка од 43 отсто од граѓаните на српскиот главен град.

Кандидатот на опозицијата Владета Јанковиќ има поддршка од околу 27 отсто, по што следи опозициската коалиција „Мораме“ со 11 отсто. Три други партии се наоѓаат околу цензусот на изборите за Белград – партијата СПС на Ивица Дачиќ, „Надеж“ и коалицијата околу Душко Вујошевиќ, со што изборот на советниците во белградскиот совет ќе биде многу тесен, а со тоа и изборот на градоначалник.

Пред одржувањето на изборите во Србија, новиот амбасадор на САД во земјата, Кристофер Хил вчера официјално му ги предаде акредитивните писма на претседателот Александар Вучиќ, со што и официјално стапи на функцијата американски амбасадор во Белград, јавува Радио Слободна Европа на српски јазик.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Бизнисот на задоволството“ доби награда за најдобар долгометражен филм на фестивал во САД

Филмот „Бизнисот на задоволството“ на авторот Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД. Фестивалот, што се одржа од 10 до...