Граѓаните на Јужна Кореја денеска избираат нов претседател на земјата, откако во март оваа година од функцијата шеф на државата беше сменета Парк Геун-хје, поради корупциски скандал.
Како што пренесуваат светските агенции, анкетите предвидуваат победа на либералниот кандидат Мун Џае-ин, кој, меѓу другото, се залага за подобрување на односите со Северна Кореја. Негов најжесток ривал е Ан Чеол-су.
Мун Џае-ин е јасен фаворит во земјата, каде силните конзервативни сили се обидуваат повторно да се групираат по корупцискиот скандал, кој во март доведе до смена на претседателката Парк Геун-хје.
Последната анкета објавена минатата недела покажува дека Мун Џае-ин, кој е кандидат на Демократската партија, има околу 20 процентни поени повеќе од своите двајца главни ривали, кандидатите на центристите и на конзервативците.
Доколу победи, тоа ќе значи крај на речиси десетгодишното владеење на конзервативците во Јужна Кореја, односно на Парк Геун-хје и на нејзиниот претходник Ли Мјунг-бак.