fbpx

Јавното мислење за проширувањето од двете страни на медалот

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска, Јорданова, Институт за европска политика

-

Кога се донесуваше новата стратегија за проширувањето минататa година, еден од попатните аргументи беше дека јавното мислење во ЕУ не е подготвено за проширувањето. Поддршката, односно отсуството на поддршка од граѓаните, секако е значаен фактор во донесувањето на политичките одлуки, зашто политичарите водат сметка за мислењето на нивните гласачи. Меѓутоа, големо прашање е колку темата на проширување е на радарот на гласачите во државите членки на Европската унија и во која мера политичките елити самите влијаат на формирањето на јавното мислење.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Разгледуваме неколку релевантни извори за јавното мислење, и тоа од двете страни на медалот – едната ЕУ, а другата – самите држави кандидати. Според последниот Евробарометар (издание 93) од летово 2020 година, 44 отсто испитаници од ЕУ се за натамошно проширување на ЕУ, додека 45 отсто се против. Во споредба со претходниот Евробарометар 92 (од есента 2019 година) поддршката останала иста, додека противниците се зголемиле за 3 отсто. Ако овие податоци ги споредиме со оние од есента 2014 година, ќе видиме дека поддршката за проширувањето се зголемила за 5 процентни поени (од 39 отсто), а противниците се намалиле за 3 проценти (од 48 отсто). Оттаму, аргументот дека се намалува поддршката не држи. Меѓутоа, она што е константно е дека поддршката за проширувањето е најголема кај новите држави членки, а најмала кај државите основачи. Значајна корелација е и дека граѓаните од државите кои што повеќе придонесуваат за буџетот на Унијата се помалку расположени за проширување одошто оние коишто повеќе земаат одошто даваат во буџетот.

Да ја погледнеме другата страна на медалот: јавното мислење во државите кандидати. Според последниот Евробарометар 93 (исто прашање како за државите членки: „дали сте за натамошно проширување на ЕУ со нови држави членки во иднина “), најниска е поддршката за проширување во Турција (41 отсто), потоа во Србија (52 отсто), Црна Гора (61 отсто), па Македонија (78 отсто), а исклучително висока во Албанија (93 отсто). Огромен е падот во Црна Гора во споредба со претходната година – поддршката се намалила за дури 13 отсто, што веројатно е резултат на значително намалената динамика на преговорите.

Да ги погледнеме ставовите на македонските испитаници. Според студијата на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, која го анализира јавното мислење во нашата држава во периодот од 2014-2019 година, процентот на граѓани кои го поддржуваат членството во ЕУ паднал за 15 отсто (65 отсто граѓани во 2019 година би гласале „за“ на референдум за членство во ЕУ, за разлика од 80 отсто во 2014 година). И процентот на оние кои членството во ЕУ го сметаат за важно или донекаде важно е значително намален (36 отсто и 35 отсто наспроти 48 отсто и 36 отсто), а зголемен е процентот на оние кои го сметаат за неважно. При тоа, разликите меѓу етничките Македонци и етничките Албанци се големи (за 20 отсто Македонци воопшто не е важно, наспроти 8 отсто Албанци).

Интересно е што се зголемил процентот на оние кои сметаат дека недостатокот на домашни реформи ни го попречува патот кон ЕУ (од 29 отсто на 46 отсто), исто така се зголемил на оние кои сметаат дека неподготвеноста на ЕУ е причината (од 7 отсто до 29 отсто), но се намалил на оние кои сметаат дека соседните држави ни го попречуваат патот (од 59 отсто на 22 отсто). Кај ова прашање, истражувачите забележале поголемо приближување на ставовите меѓу етничките Македонци и етничките Албанци. Сепак, ова се резултати до крајот на 2019 година. Многу е веројатно дека набргу ќе се променат, под влијание на бугарското вето и неуспехот на другите држави членки на ЕУ да го спречат.

Она што најмногу зачудува е оптимизмот на испитаниците. Според анкетата на М-Проспект за Македонскиот центар за меѓународна соработка и Телма од април 2020 година убедливо најголем процент на испитаници верува дека нашата земја прва од регионот на Западен Балкан ќе влезе во ЕУ (34,8 отсто), и најмногу се убедени дека тоа ќе се случи за 5 години (34,8 отсто) или за 10 години (23,6 отсто). Оптимизмот е значително зголемен во однос на 2019 година, кога 24 отсто сметале дека никогаш нема да станеме членки на ЕУ, наспроти 10 отсто пролетта 2020 година.

Забележлива е подложноста на нашето јавно мислење на различните сигнали и пораки што доаѓаат од Европската унија и нивното толкување на домашната политичка сцена. Тоа укажува дека овие истражувања треба да бидат појдовна основа за подлабоки квалитативни анализи и наоди кои, пак, треба да придонесат за градење на поиздржана комуникациска стратегија за евроинтеграцискиот процес.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...