Слободата на изразување, главна тема на регионалниот Самит за слобода на интернет


       
Струга, 22 март, 2018 - 15:38 (META) 

Состојбите со слободата на изразување во Источна и Централна Европа и Евроазија се главна тема на првата панел дискусија на вториот регионален Самит за слобода на интернет, организиран од Иницијативата за владеење на правото при Американската адвокатска комора (АБА РОЛИ).

На панел дискусијата учествуваа амбасадорката на ОБСЕ во Скопје – Нина Суомалаинен, Роберт Поповски – министер без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Елери Бидл – директорка за застапување на мрежата „Глобал војсис“ и Олга Кирилик од украинската организација „Дигитал дефендерс партнерс“, а дискусијата беше модерирана од директорот на Фондацијата за интернет и општество  „Метаморфозис“, Бардил Јашари.

Суомалаинен, цитирајќи ја претходната претставничка на ОБСЕ за слобода на медиуми – Дуња Мијатовиќ потсети дека сè што важи офлајн важи и онлајн, иако дигиталната сфера како релативно нова носи нови предизвици. Меѓу другото, таа рече дека интернетот и слободното изразување, за жал се и платформа за негативни појави како говор на омраза и за тероризам, но во исто време нагласи дека токму таа слобода е и алатка за борба со тероризмот преку нудењето можности за социјална кохезија.

Предлозите за регистрација на онлајн медиумите што ги даде министерот задолжен за отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, беа остро критикувани од романскиот претставник, Богдан Манолеа, од „АпТи“ и од Центарот за развој на медиуми од Киргистан, кои потсетија дека Македонија е членка на Советот на Европа и дека треба да ги почитува неговите декларации и стандарди. Министерот Поповски одговори дека тоа е само предлог за дебата и дека Владата никогаш нема да направи со што не се согласува мнозинството од новинарската фела.

Елери Бидл од „Глобал војсис Адвокс“ зборуваше за „Фејсбук“ и неговите правила, односно за неговото право и обврска да се грижи за слободата на изразување, како и за (не)ефикасноста на неговите системи за модерирање, особено за јазиците од регионот.

Олга Кирилик, пак, од украинската организација „Дигитал дефендерс партнерс“ меѓу другото се осврна на праксата на филтрирање и блокирање на онлајн содржини од страна на некои држави и како со тоа се крши меѓународното право.

Самитот, кој се одржува од 22 до 24 март во Струга и на кој се присутни над 120 експерти за слобода на Интернет и активисти за човекови права од Европа и Евроазија и претставници на меѓународни организации продолжи со пленарни сесии и работилници поделени во три основни сфери: слобода на изразување, приватност и кибер-безбедност.