„Шпион“ и „Шамарите во Општина Центар“ денеска повторно во Кривичен суд


       
Скопје, 19 април, 2018 - 9:42 (META) 

Во Основен суд Скопје 1, денеска треба да се одржат рочишта за случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), „Шпион” и „Насилство во Општина Центар”.

Минатото рочиште за „Шпион” беше одложено поради отсуство на Туше Гошев, еден од адвокатите на обвинетите.

Овој случај, кој е од 2013 година, СЈО го презеде минатата година од Јавното обвинителство. Обвинети се се 18 лица за злосторничко здружување, шпионажа, уцена, измама и недозволено поседување оружје. Апелацискиот суд минатата година ја преправи првостепената пресуда, и ги ублажи казните на обвинетите, по што предметот повторно влезе во првостепена постапка, по обвинение на СЈО.

На денешното рочиште за „Насилство во општина Центар“ исказ треба да дадат двајца сведоци.

Обвинетите, поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

На претходните рочишта, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.

Обвинетите во предметот „Насилство во Центар“ се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.