САСА: Работата на рудникот беше загрозена поради незаконска блокада


       
Македонска Каменица, 14 март, 2018 - 13:58 (META) 

Група поддржувачи на огранокот на Мултиетничкиот синдикат на образованието (МЕСО) од Македонска Каменица, спротивно на Законот, утринава поставиле блокада на патот што води кон рудникот САСА, при што автобусот што ги превезува работниците од првата смена во рудникот бил спречен да дојде до рудникот и на работниците им било оневозможено да стигнат на своите работни места, тврдат од компанијата.

Во моментов, рудникот САСА функционира нормално, но доколку ваквата незаконска блокада продолжи, ќе се доведе во прашање натамошната работа, што ќе предивика големи штети и за компанијата и за сите нејзини 700 вработени, велат од таму.

За целата ситуација биле информирани надлежните државни органи, од кои, согласно нивните законски надлежности, е побарано да преземат мерки за целосна деблокада на патот кон рудникот.

„Согласно одредбите од Законот за работни односи, протестот организиран од локалниот огранок на МЕСО е незаконски. Рудникот САСА досега имаше одлична соработка со вработените и нивниот легитимен синдикат које е дел од СИЕР – Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството, за што доказ се досегашните постигнати резултати во безбедноста при работа, платите кои се двојно поголеми од просечните плати во земјата и вложувањата во нова технолија и подобри услови за работа“, се вели во соопштението на компанијата.

Во него се додава дека, според Законот, менаџментот на рудникот е обврзан да разговара и соработува со оној синдикат кој во законска процедура докажал дека ги претставува вработените.

„Тоа досега беше синдикатот на рударите при СИЕР. Секој друг синдикат, за да може да преговара, согласно Законот за работни односи, е обврзан да го докаже истото. Досега, и покрај барањата од страна на компанијата, новиот огранок на МЕСО нема доставено до рудникот ниту еден формален доказ дека е репрезентативен синдикат во САСА. Исто така, согласно Законот, пред да се започне со штрaјк или протест, двата синдикати треба да состават заеднички тим за преговори со менаџментот и да отпочнат процес на медијација. Ниту еден од овие законски одредби досега не е исполнет, што го спречува менаџментот на компанијата да постапува“, објаснуваат од САСА.