Започна изградбата на обиколница Тетово

За граѓаните и компаниите ова е исклучително важен проект со кој ќе се зголеми продуктивноста, економскиот развој и безбедноста во сообраќајот во регионот, потенцираше градоначалникот на општина Теарце, Нухи Незири

Фото: Министерство за транспорт и врски, 13 февруари 2024

Во близина на населеното место Требош денеска се означи почетокот на градежните работи за изградба на обиколница Тетово, која од автопатот кај Требош ќе се протега до селото Непроштено.

Инвестицијата е вредна 12,2 милиони евра. Во првата фаза ќе се гради обиколницата од 5,4 километри со две ленти од по три метри од клучката кај н.м Требош до Непроштено, а втората фаза е изградбата на клучката на автопатот.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски истакна дека овој проект ќе значи растоварување на сообраќајот и ќе донесе олеснување за жителите во Полошкиот регион.

„Изградбата на оваа обиколница несомнено е проект со кој ќе го забрзаме економскиот развој на регионот, ќе го растеретиме сообраќајот и ќе го олесниме пристапот на многу компании кои работат во овој дел на државата. Оваа инвестиција од преку 12 милиони евра е значаен придонес за развој на патната мрежа низ Северна Македонија, но верувам дека ќе биде огромно олеснување за сите граѓани од Тетово, Желино, Теарце, Јегуновце и сите останати од Полошкиот регион“, рече Бочварски.

Директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми потенцираше дека овој проект се реализира со средства од буџетот на Јавното претпријатие.

„Предвидени се да се изградат 5,4 км пат, односно обиколницата ќе има по две коловозни ленти од двете страни во ширина од вкупно 6. 6 метри. Исто така од двете страни на патот ќе има паралелни тампонски сервисни патишта по целата должина на делницата со ширина од околу 3 метри. Рокот за изградба е 15 месеци, односно во мај 2025 година треба да заврши изградбата на првата фаза. Паралелно со изградбата на првата фаза се проектира втората фаза, а тоа е изградба на клучка Требош”, објасни Рустеми.

За граѓаните и компаниите ова е исклучително важен проект со кој ќе се зголеми продуктивноста, економскиот развој и безбедноста во сообраќајот во регионот, потенцираше градоначалникот на општина Теарце, Нухи Незири.