САД: Да одговараат тие што ги извршиле, организирале и ги нарачале насилствата


       
Виена, 4 мај, 2017 - 17:09 (META) 

САД ги повикуваат надлежните во Македонија да преземат чекори за да ја осигурат безбедноста на сите членови на парламентот, да ги истражат нападите темелно и да ги повикаат на одговорност тие што ги извршиле, ги организирале и ги нарачале насилствата, рече Кејт Брнс, претставничка на Мисијата на САД во ОБСЕ, при нејзиното обраќање на постојаниот совет на ОБСЕ во Виена.

– САД силно ги осудуваат насилните напади на членови на македонскиот парламент, кои следеа по изборот на Талат Џафери за спикер на Собранието. САД ќе соработуваат со новиот спикер и со парламентот за поддршка на демократијата и за да ѝ помогнат на Македонија да се движи по европскиот пат. За насилството нема место во демократските процеси. Ги изразуваме нашите најдлабоки симпатии кон членовите на парламентот и кон другите повредени во нападите и на нивните семејства. Како стратешки партнер и пријател на Македонија, со целосна почит на нејзиниот суверенитет и унитарноста, САД ги повикуваат сите партии да го концентрираат интересот на Македонија и на нејзините граѓани, пред сè друго, да работат заедно конструктивно и целосно да ги имплементираат сите нивни заложби што произлегуваат од Договорот од Пржино. Ги повикуваме сите партии да ги решат разликите мирно и да ги почитуваат законите во Македонија и демократските процеси – рече Брнс во нејзиното обраќање.

Брнс додаде дека решавањето на политичката криза може да дојде само преку почитување на законите и на волјата на граѓаните, слободно изразена низ демократските процеси, како и преку почитување на резултатите од изборите одржани во декември минатата година, кои беа прифатени од сите партии.