Потпишан протокол за побрз проток на жива стока на Табановце и Богородица


       
Скопје, 14 мај, 2018 - 14:06 (META) 

Директорите на Царинската управа и на Бирото за јавна безбедност, Ѓоко Танасоски и Лазо Велковски, денеска потпишаа нов Протокол за уредување на постапките за побрз проток на жива стока, стока во жива состојба, опасни материи и стока.

Овој протокол, како што истакна министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство, Љупчо Николовски, е од исклучително значење за извозот на македонските земјоделско – прехранбени производи, бидејќи се овозможува 24 часовен слободен коридор за приоритетно движење на жива стока и стока во свежа состојба, за што порано имаше ограничено време.

„На овој начин значително се олеснува и забрзува протокот на стоки, што е важно за македонските земјоделско- прехранбени производи навреме да стигнат на странските пазари“, рече Николовски.

Новиот протокол, кој ќе стапи на сила веднаш, во исто време ќе придонесе и да се избегнат подолги задржувања на граничните премини и да се обезбеди брз и безбеден проток на жива стока на овие два гранични премини.