Околу 40 отсто е поголем бројот на интервенциите на прилепската Територијална противпожарна единица во првите два месеца од годинава во споредба со истиот период лани. Просечно, месечно има по 100 интервенции.

Како што истакнуваат од ТППЕ-Прилеп, оваа состојба е последица на човечко невнимание. Најголем број пожари се предизвикани на куќи и станбени објекти, поради неисчистени оџаци и во атарите на селата, при палење на сува трева.

„Зимската сезона се уште не заврши. Затоа апелираме сите домаќинства кои се греат на дрва, да ги чистат редовно оџаците, со цел да се спречи појава на пожар. Особено овој апел го упатуваме до граѓаните кои живеат во станбени објекти, каде што и последиците од пожар, можат да бидат далеку поголеми“, вели командирот Виктор Стојчески.

Според командирот, граѓаните кои што предизвикуваат пожар со палење треви и стрништа, треба да понесат одговорност за штетите што ги предизвикуваат.

„Ваквите интервенции на пожари кои што се предизвикани од несовесните граѓани, непотребно создаваат проблеми во работата на ТППЕ. Со овие интервенции се оштетуваат возилата, се троши гориво, ангажираат луѓе, а во тој период може да се случи, да избувне пожар во куќи и други објекти од витално значење“, дoдава  Стојчески.