Падна и најгустата шума заради изградба на гасоводот на Водно, реагираат еко-активистите

Еколошките активисти од „Го сакам Водно“ реагираа на новата сеча на дрва на Водно на потегот Бел Камен – Бункери, бидејќи се прави без решение за измени во тек на градба, односно одобрението за сеча на шумата на Водно била издадена врз основа на претходната верзија на трасата.

„Исечени се дрва на целиот потег, од надлежните ќе побараме одговор врз кој основ е тоа сторено“, вели Андреа Јанков од иницијативата „Го сакам Водно“.

Од Градскиот инспекторат за „Мета“ потврдија дека нивни екипи не се излезени на терен за да утврдат дали на Водно е сечена шума во рамките на претходно издадената дозвола за сеча, која важи до 1 март, петок, но најави дека ќе има инспектирање.

Според студијата за оценка на влијанието на овој проект врз животната средина, отстранувањето на дрвјата и другата вегетација не би смеела да се врши во периодот помеѓу 1 март и 30 септември, особено во ридните делови. Студијата предвидува реставрација на уништените биотопи кои биле изложени на влијанијата на градењето на гасоводот.

„Благодарение на МЕР, „Рапид Билд“, Град Скопје, „Чакар груп“, Министерство за транспорт и врски и Министерство за животна средина и просторно планирање, имаме можност за одржување на уникатен маратон, „Водно-Матка треил“ (со пречки)!“, цинично коментираат од „Го сакам Водно“, алудирајќи на меѓународниот планинарски маратон кој на крајот на март треба да се одржи на Водно и чија што маршрута делумно се поклопува со трасата на гасоводот, а сега е исполнета со исечени дрвја и гранки .