!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Почна расправата за Законот за јазиците, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека ДУИ го уценува СДСМ


       
Скопје, 14 септември, 2017 - 14:21 (META) 

На почетокот на расправата на пленарна седница во Собранието за предлог-законот за употреба на јазиците, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, обвини дека со овој закон ДУИ го уценува СДСМ пред локалните избори закажани за 15 октомври.

– Законот за јазици се носи во пресрет на локалните избори и претставува политичка уцена од ДУИ кон СДСМ, со која треба да се покријат сите скандали, уцени и неостварени ветувања кон албанското население. Членовите на овој закон се неуставни и излегуваат од Рамковниот договор – рече Димовски на самиот почеток на расправата за законот за јазиците.

На ова му реплицираше Бранко Манојловски од ДУИ, кој рече дека проблемот не е јазикот туку проблем е националната омраза.

– Вие многу се борите со законот, а нема проблем со тоа. Јазикот мора да се реши, сакале вие или не. Исфрлете ја националната омраза и бидете луѓе за момент. Нема нестабилност на Македонија ако јазикот е проблем. Слаба е државата ако јазикот е проблем. Смирете се и мислите малку со глава и како луѓе, а не како Македонец или Албанец – вели Манојловски.

Петре Шилегов од СДСМ ја обвини опозицијата дека се обидува да добие политички поени со сензитивни теми и дека од предлог-законот прават „баба рога“.

– Се направи „баба рога“ од нешто што никој не го спомнува. Тоа беше тиранаската платофрма, сега е законот за јазиците, а утре ќе се најде нова тема со која ќе ги плашите граѓаните за уништување на нашата земја за да се ќари дневен политички поен. Секој што смета дека одредени законски решенија се спротивни на Уставот може да поведе постапка пред Уставен суд и сите ќе мора на тоа да се покориме. Никој не мора да учи јазик кој што не го сака. Никој нема да биде казнет ако не говори албански јазик – нагласи Шилегов.

Димовски обвини дека парламентарното мнозинство не сака да има дебата за овој закон и дека тоа е причината што законот има европско знаменце, на што реплицираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, дека сè е предмет на јавна дебата затоа што се работи за едно од есенцијалните човекови права.

Пратениците ја користат паузата за ручек од еден час, а расправата ќе продолжи во 15 часот.