Пломп: Холандија ќе продолжи да ѝ биде пријател и партнер на Македонија


       
Скопје, 29 мај, 2018 - 12:19 (META) 

Холандија отсекогаш била и ќе продолжи да биде пријател и партнер на Македонија и да ја поддржува нејзината евроатланска интеграција врз основа на строг и правичен пристап, изјави холандскиот амбасадор Ваутер Пломп на прашањето од „Макфакс“ откако во јавноста беше објавен нон-пејперот.

– Го забележуваме напредокот што македонските институции во текот на изминатата година го направија во спроведувањето на реформите, меѓу другото и во областа на владеење на правото. Во овој момент е важно да се види понатамошно одржување и продлабочување на овие реформи преку континуирано спроведување на новото законодавство. На 26 јуни Советот за општи работи на Европската Унија ќе решава за препораката на Европската комисија за почеток на преговорите – се вели во писмениот одговор од холандскиот амбасадор.

Тој вели дека Холандија ги следи интензивираните преговори со Грција за решавање на прашањето со името и дека искрено се надева дека наскоро ќе биде постигнато заемно прифатлив договор. Пломп додава дека Холандија ќе продолжи да ја поддржува Македонија со обезбедување финансиска помош и експертиза во некои од најважните области, како што се владеењето на правото, човековите права и доброто владеење.

Претходно и од Амбасадата на Франција изјавија дека заклучоците за Македонија изнесени во нон-пејперот не се конечни, и дека ставот на Франција ќе биде дефинитивно утврден во договор со нејзините европски партнери, откако предлозите за почнување на преговорите од страна на Комисијата содржани во извештајот за Македонија и за Албанија ќе бидат проучени од страна на Советот (општи работи) на 26 јуни, а потоа за нив ќе одлучи Европскиот совет во текот на истиот месец.