Освен случајот Пуч, на Јанева чекаат Ровер, Диво Насеље, Шпион, Монструм и Телеком


       
Скопје, 16 декември, 2015 - 10:33 (META) 

Барањата што изминативе три месеци во најава ѝ беа упатувани на специјалната обвинителка, Катица Јанева, а се однесуваа на тоа таа да ги преземе сите случаи за кои постојат контроверзии во јавноста, сега и во официјална форма почнаа да пристигнуваат на нејзиното биро.

Адвокатите на одбраната во случаите „Ровер“, „Диво Насеље“ и „Шпион“ бараат и за овие предмети да биде надлежно специјалното обвинителство.

„Одбраната во случајот „Ровер“ достави одредени материјали, кои сè уште се предмет на разгледување и на анализа, со оглед дека во изминатиот период приоритет беше токму воспоставувањето стварна надлежност врз веќе доставените предмети. Примени се вакви барања и за случаите „Диво Насеље“ и „Шпион“. За постапувањето по сите овие предмети дополнително ќе ве известиме“, соопштија завчера од кабинетот на Јанева.

Барања до специјалната обвинителка има и за преземање на случајот „Монструм“, а едно од нив дојде и од министерот за правда, Аднан Јашари.

„Случаите кои се познати во Република Македонија и кои имаат етнички карактер, како „Сопот“, „Монструм“ и други, се случаи кои поради својата цел и, на некој начин, поради нивното влијание во јавноста, треба што побргу да се решат за да се избегне мислењето што постои во јавноста дека се монтирани или не се монтирани, дека имала влијание политиката во нивното решавање или немала влијание. Специјалната обвинителка, во принцип, врз основа на информациите што ќе ги има, е обврзана да иницира процедура и докрај да ги истера овие случаи“, беше изјавата на Јашари што ја пренесе телевизијата „Алсат М“.

Либерално-демократската партија вчера апелираше до Специјалното јавно обвинителство итно да го разгледа случајот „Монструм“ и да го преземе во своја надлежност. Од партијата сметаат дека „вистинската истрага за судскиот случај „Монструм“ од Специјалното јавно обвинителство ќе биде показател дека суштински се спроведува Договорот од Пржино“.

Либералната партија повика специјалниот обвинител да го процесуира и случајот со „Маѓар телеком“.

– Имајќи предвид дека документацијата за случајот била на располагање на Јавното обвинителство во најмалку два мандата, а за тоа време не е отворена постапка, го повикуваме специјалниот обвинител да го процесуира случајот со „Маѓар телеком“ – соопштија од Либералната партија, по изборот на Јанева за специјален обвинител, во септември.

Од Движењето за реформи на ДПА бараат јавната обвинителка коректно да ги реши чувствителните случаи на злосторства и на корупција присутни во политиката.

„Бидејќи се работи за договор постигнат и во присутство на меѓународни претставници, го поздравуваме изборот на специјалниот обвинител и посакуваме успех во нејзината работа. Бараме да се постапува за инкриминираните случаи на албанските политички службеници, претседатели на албанските партии поврзани со коруптивни афери, за кои показател е нивното богатство создадено од политиката“, побараа од Движењето на реформи на ДПА.

Аналитичарот Сотир Костов во емисијата „Топ-тема“ на телевизија „Телма“, пак, рече дека специјалниот обвинител треба да ги реши сите случаи што не се решени од 1994 година досега.