МВР откри: Со „она на М“ се возат и Иванов и Вељаноски и Димитриев и високи гости


       
Скопје, 14 февруари, 2017 - 17:02 (META) 

Блиндираниот мерцедес набавен во 2012 година за 600.000 евра и заради кој Специјалното јавно обвинителство го отвори случајот „Тенк“ се наоѓа во Владата и, како што велат за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи (МВР), се користи како „главно возило за високи гости на странски делегации“.

– Блиндираниот мерцедес се користи како главно возило за високи гости-странски делегации при нивна посета на Република Македонија, а кои се обезбедуваат со прв, втор и трет степен безбедносни мерки (претседатели на држави, премиери на влади, заменици-претседатели, заменици-претседатели на влади и други) – стои во одговорот на МВР на нашите прашања: Дали возилото се користи, кој го користи и каде се наоѓа?

odgovor mvr

Одговорот од МВР на прашањето: Дали се користи, кој го користи и каде се чува? Кликнете за поголема верзија

Од МВР велат дека „мерцедесот“ често се користи и „во случаи кога поради амортизираност и застареност на блиндираните возила со кои се превезуваат претседателот на државата, претседателот на Собранието и премиерот“ не можат да одговорат на безбедносните стандарди и Уредбата за обезбедување на личности и објекти.

Преведено, ова значи дека со „она на М“ од 600.000 евра се возат и Ѓорге Иванов, Трајко Вељаноски и Емил Димитриев, ако нивното обезбедување процени дека така треба.

На 24 јануари, СЈО соопшти дека ја отворило истражната постапка „Тенк“, во која осомничени се две лица, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување во периодот од февруари до октомври 2012 година, а „за да ја исполнат желбата на тогашниот премиер“ (Никола Груевски, н.з.) за набавка на „специјално возило“.

Во 31. „бомба“ што СДСМ ја објави 13 мај 2015 година, а врз основа на која СЈО ја отвори истрагата, за набавката на „мерцедесот“ зборуваат тогашниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.