fbpx

СЈО отвори случај „Тенк“ за „мерцедесот“ на Груевски од 600.000 евра

-

Специјалното јавно обвинителство поведе две нови истражни постапки под оперативните имиња „Тарифа“ и „Тенк“. Иако во денешното соопштение за истрагата „Тенк“ не е конкретно наведено, јасно е дека станува збор за набавката на „мерцедесот“ од 600.000 евра, додека истражната постапка „Тарифа“ е за јавна набавка на софтвер за потребите на акционерското друштво „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ), за сума од 4.092.420 евра, кој никогаш не бил ставен во употреба, а на штета на државата.

Во случајот „Тенк“, како што наведуваат од СЈО во соопштението, осомничени се две лица кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување во периодот од февруари до октомври 2012 година, а „за да ја исполнат желбата на тогашниот премиер“ (Никола Груевски, н.з.) за набавка на „специјално возило“.

„Во конкретниот случај, постои основано сомнение дека за да ја исполнат желбата на тогашниот премиер за набавка на специјален тип патничко моторно возило, првоосомничената го поттикнала второосомничениот да ја искористи својата службена положба и овластувања и при вршење јавни набавки, незаконски да повласти, односно да фаворизира определен економскиот оператор и да се набави возило од тој тип“, стои во соопштението од СЈО.

Оттаму, додаваат дека „во услови на намалена економска и куповна моќ на Министерството, било постапено спротивно на Законот за јавните набавки“ и била фаворизирана една фирма со тоа што во тендерската документација биле наведени повеќе технички спецификации кои упатуваат на конкретно производство и трговски марки, односно на конкретен тип на автомобил.

„Постои основано сомневање дека второосомничениот во постапката за јавна набавка иако бил свесен за незаконското привилегирање на определен економски оператор, сепак донел одлука за избор на најповолна понуда и склучил договор за јавна набавка на возило за износ од 29.852.542 денари и ДДВ во износ од 5.373.458 денари или околу 572.780 евра“, се појаснува во соопштението на СЈО.

Во случајот „Тарифа“, пак, осомничени се седум лица, кои, исто така, се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување при спроведување јавна набавка за потребите на ЕЛЕМ.

„Постои основано сомневање дека е извршена злоупотреба на службената положба и овластување на службени и одговорни лица во постапка за јавна набавка на софвер – ЕРП систем за потребите на АД ЕЛЕМ, при што осомничените лица со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација. Вредноста на склучениот договор за јавна набавка е 4.092.420 евра. Воедно, постои основан сомнеж дека дел од осомничените лица неосновано одобриле исплати на парични средства на име лиценци за одржување на софтверот, спротивно на посебните услови од договорот за јавна набавка, каде е предвидено дека плаќањето на име лиценци за одржување на софтверот ќе се изврши во гарантен и постгарантен период, а кој период никогаш не почнал да тече, бидејќи системот не бил имплементиран, со што причиниле штета во износ од 456.560 евра“, велат од СЈО.

Она што во конкретниот случај е од суштинско значење, велат од СЈО, е дека „од доказите произлегува дека набавениот систем во значителен дел не е имплементиран, иако досега вкупно се исплатени околу 3.700.000 евра, а согласно договорот за јавна набавка, системот требало да се имплементира до 11 февруари 2013 година“.

За разлика од претходните истражни постапки, кои СЈО ги презентираше на прес-конференции во своите канцеларии, за овие две јавноста ја информираа преку соопштение.

Инаку, еве што зборуваат поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Греувски, и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во дел од 31. „бомба“ што СДСМ ја објави на 13 мај 2015 година:

Јанкулоска: Ало
Груевски: Ало, Горде, шо праиш?
Јанкулоска: Добро, еве, малку по дома весници и така…
Груевски: За две работи те барам.
Јанкулоска: Кажете…
Груевски: Она што ми остави ти едни проспекти, ти текнува?
Јанкулоска: Да, да… Јас да Ви кажам, не Ви вршев притисок ама…
Груевски: Тоа на М… на М…
Јанкулоска: Е, добро, океј…
Груевски: Да не зборам сеа, вака…
Јанкулоска: Да, да…знам ,знам, точно… ако има шанса да ми го вратите проспектот за да го напраиме ко шо треба, да не утнам нешто
Груевски: Тој ми е тука пред мене, тие другите два не знам кај ми се… тоа тебе не ти требаат другите.
Јанкулоска: Не ми требат другите, тој шо треба е кај вас…. хахах
Груевски: Да… Ба ги видов сите три пошто овој го одвоив, тој терај го, ќе видиш таму што треба, фул све
Јанкулоска: Да, де… Па затоа и да видам попрецизно да биде ко шо треба ахах… Пратете ми го Вие…
Груевски: И битно ми е позади, позади да има екрани… коа се возам со маливе…
Јанкулоска: Да, да, да…нема проблем, таму имаше у тој јас, се сеќавам и јас го листав, нема проблем тој ќе го напраиме
Груевски: Друго ќе видиш тој е фул као за….
Јанкулоска: Да де да, не, не, не океј си е…
Груевски: … Се знае тоа…
Јанкулоска: Мислам таму не може да има промашај на таа варијанта…хахах
Груевски: Да, да.
Јанкулоска: Така да супер…
Груевски: Така да почни ја постапката, терај ја.
Јанкулоска: Да, да, да, ние ќе го напраиме само Вие пуштете ми го назад проспектов, за да…
Груевски: Утре го добијаш…
Јанкулоска: Да, да, да, да биде ко шо треба работава… Сеа да не зборам и ја многу…

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Светски ден на книгата: Расте поддршката од читателите за домашните автори

Светскиот ден на книгата, кој се слави секоја година на денешен ден, 23 април, претставува глобална прослава на пишаниот збор и цели да даде поддршка на писателите и на...