Меркел: Мораме да го чуваме наследството на Хелмут Кол


       
Стразбур, 1 јули, 2017 - 16:59 (META) 

Повеќе од 20 шефови на држави и повеќе стотици официјални претставници денеска присуствуваа на комеморацијата во Европскиот парламент во Стразбур, по повод смртта на поранешниот германски канцелар Хелмут Кол. Тие истакнаа дека Кол придонесе за обединувањето на Европа и за помирување на поранешните противници на континентот.

Ковчегот покриен со знамето на Еврпската Унија, кој го внесоа осум германски војници, беше поставен во средиштето на пленарната сала на Европскиот парламент за церемонијата, која е прва од ваков тип во историјата на Европската Унија.

Три венци беа поставени пред ковчегот, еден во боите на Германија, друг на Европската Унија и трет од неговата сопруга.

Германската канцеларка Ангела Меркел, стоејќи до ковчегот, рече дека Кол работел за обединување на Германија, додека други се двоумеле, додавајќи дека неговата мотивација секогаш била во Европа да нема повеќе војни.

„Сега е на нас да го зачуваме твоето наследство. Се поклунувам пред тебе и твоето сеќавање со благодарност и со понизност“, рече Меркел, која исто така, изрази лична благодарност за можностите и за помошта што Кол ѝ ги дал во нејзината кариера.

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, во пресрет на церемонијата изјави дека Хелмут Кол бил вистински Европеец и пријател и дека Европа му должи многу.

Претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, истакна дека Кол заслужува почесно место во пантеонот на Европа, бидејќи без двоумење им пружи рака на пријателство на новите демократии во Источна Европа по падот на Железната завеса.

Поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон, рече дека Хелмут Кол пружи шанса да „бидеме вклучени во нешто поголемо од нас самите, од нашите мандати или минливи кариери“.

Премиерот на Русија, Дмитриј Медведев, на комеморацијата во Стразбур истакна дека „Кол беше творец на светскиот поредок“, додавајќи дека тој во Русија ќе остане запаметен како пријател и мудра и искрена личност.

На комеморацијата во Стразбур присуствува и делегација на македонската Влада, предводена од вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Хелмут Кол почина на 16 јуни оваа година, на 87-годишна возраст. Тој беше канцелар на Германија од 1982 до 1998 година од редовите на Христијанско-демократската унија, чиј лидер беше од 1973 до 1998 година. За време на неговото вршење на функцијата канцелар се случи паѓањето на Берлинскиот ѕид во 1989 година и повторно обединување на Западна и на Источна Германија во една држава. Тој беше заговорник за ширење на Европската Унија на исток и заедно со поранешниот француски претседател Франсоа Митеран беа главните архитекти на Договорот од Мастрихт за воведување заедничка европска валута – еврото.