fbpx

ИЗИИС: Земјотресот оштети болници, градинки, училишта и станбени згради

-

Земјоделскиот факултет, Апелацискиот суд, неколку болници и градинки, три училишта и повеќе станбени згради имаат штети од земјотресите, информираат од  Институтот за земјотресно инженерство и сезмологија Скопје (ИЗИИС).

Оттаму велат дека сите оштетувања се во неконструктивните делови на објектот, а стабилноста на објектите не е доведена во прашање.

Некаде ѕидовите се одделени од конструктивните елементи и може да се случи да падне малтер или цигла, поради што и има препорака одредени простории да се затворат и да не се користат додека не се санира оштетувањето.

Вчера тимовите на Институтот за сеизмологија посетиле околу 60 објекти од јавен интерес. Увидот продолжува и денеска, а увидот на настанатото оштетување кај индивидуалните куќи ќе треба да го направат општински комисии.

Како што информираат, пак, од Општина Центар, регистрирани се напукнувања на малтерот во едно училиште и во две градинки во таа општина. Оттаму велат дека по проверката на луѓе од ИЗИИС, Центарот за управување со кризи (ЦУК) и од Општина Центар, забранети се за користење две училници во основното училиште „11 Октомври“, а во градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ и во клонот „Јасмин“ на градинката „13 Ноември“, поради паѓање на малтерот во некои занимални, децата се префрлени на згрижување во други простории. Сепак, од Општината велат дека наставата и згрижувањето на децата се одвиваат непречено и инсистираат ИЗИИС побргу да им го достави записникот за да може Општината да ги санира нарушувањата.

Според информациите на „Мета“ од терен, во некои од одделенијата во училиштата во повеќе скопски општини на настава се присутни половина или една третина од децата.

Од Министерството за образование велат дека тие не можат да донесат одлука за затворање на училиштата, ниту да влијаат врз индивидуалната одлука на родителите, туку чекаат инструкции од Управувачкиот комитет за справување со кризи, како централно тело за справување со кризи.

Некои од општините веќе презеле одредени мерки, па така градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Сокол Митровски, свикал состанок со директорите на деветолетките. Тие го известиле дека презеле соодветни мерки предвидени за вонредни ситуации.

– Во училиштата беа поставени знаци (насоки) за движење при евакуација на децата и на персоналот. Испратени се пишани известувања во секоја училница за однесување на децата и на наставниците за време на земјотрес и одржани се две показни вежби на кои учество зедоа сите ученици и наставници од училиштата. Освен во ООУ „Димитар Поп-Георгиев Беровски“, каде што има одредени оштетувања на вториот кат од училиштето изградено во 50-тите години од миниот век и каде што наскоро ќе се преземат мерки за санирање на штетите, во другите училишта нема никакви оштетувања што можат да го загрозат непреченото одржување на редовната настава. Иста е ситуацијата и во објектите на градинките – информираат од Општина Ѓорче Петров.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...