fbpx

Ховит за „Мета“: Македонија се наоѓа во опасна и нестабилна состојба

-

Европратеникот и еден од посредниците за Договорот од Пржино, Ричард Ховит, во интервју за „Мета“ вели дека одговорноста за иднината на Македонија е кај македонските политичари, како и дека земјата е во опасна и нестабилна состојба. Тој порачува дека политичарите во Скопје треба добро да размислат во која насока ќе одлучат да продолжат да се движат по вчерашните предупредувања од Брисел.

  • Претседателот Ѓорѓе Иванов во обраќањето до нацијата ја обвини меѓународната заедница дека се меша во внатрешните прашања на земјата и ги предупреди амбасадорите да внимаваат што прават и што зборуваат. Истото може да се чуе и од владејачката партија. Како реагира Брисел на ова?

– Политичарите во земјата избраа да одат по патот кој води кон членство на Европската Унија и на НАТО, кој подразбира соработка и преговори базирани на заемна почит, но мора да се почитуваат општите стандарди кои се заеднички за сите членки на организациите. Вчерашната заедничка изјава јасно укажа дека политичката одговорност за решавање на проблемот е кај самите македонски политички партии, но европратениците и комесарот остануваат достапни и ангажирани да помогнат.

  • Пропадна последниот обид да се спаси Договорот од Пржино. Дали тоа значи дека договорот е мртов?

– Европската Унија не може да одлучи за тоа, но во нашата изјава јасно беше употребен зборот „прекршување“. Се надевам дека заложбите што се содржани во договорот сè уште се реализираат, вклучувајќи го и поништувањето на амнестијата, што би му овозможило на Специјалното обвинителство да продолжи со својата работа, да се спроведат ветените медиумски реформи и да се направи ревизија на избирачкиот список во согласност со методологијата што ја прифатија сите партии.

  • Во заедничката изјава на еврокомесарот и на европратениците велите дека ќе има сериозни последици за прекршувањето на Договорот од Пржино. Дали повлекувањето на кандидатскиот статус и ставањето на политичарите на црна листа е во игра или ЕУ повторно ќе биде мека и ќе даде условена препорака? Ако Владата одлучи да се одржат изборите на 5 јуни, дали новата влада ќе биде признаена од ЕУ?

– Нема да коментирам кои конкретни чекори се разгледуваат, но се надевам дека фразата „сериозни последици“ ќе биде добро слушната и разбрана и оти политичките актери во земјата ќе ги чујат предупредувањата и ќе ја сменат насоката. Познато е дека Европскиот совет во декември минатата година се согласи позитивната препорака за почеток на преговорите за влез во Европската Унија да се разгледа откако ќе се спроведат изборите, во согласност со обврските од Договорот од Пржино. Исто така, познато е дека еврокомесарот предупреди дека изборите во сегашните услови нема да бидат признаени од Европската Унија. Сосема логично е луѓето во земјата да влечат сопствени заклучоци од овие јавни изјави.

  • Планирате ли да ја посетите Македонија и да посредувате во нов политички договор?

– Земјата се наоѓа во опасна и нестабилна состојба и во нашата заедничка изјава апелиравме на мирен одговор и на поддршка на елементите од граѓанското општество кои сакаат демократија и плурализам во сопствената држава. Сите ние кои сме вклучени во посредништвото сме искрено посветени на земјата, на народот и на европската перспектива и длабоко жалиме за ретроградните чекори кои се направени. Изразивме подготвеност за понатамошно дејствување и остануваме целосно посветени, исто како и нашите дипломатски претставници во земјата. Сепак, ќе повторам дека одговорноста за преземање иницијатива е во самата земја, во спротивно чекорите на кои ќе бидеме принудени да ги направиме ќе бидат во Брисел, а не во Скопје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...