This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Fri Apr 28 14:06:39 2017 / +0000 GMT

Градоначалникот на Берово ја нарече Такева „новинарска проститутка“




Новинарката од Делчево, дописничка на повеќе медиуми, Даниела Такева, доживеа крајно невкусна дискредитација од градоначалникот на Берово, Драги Наџински, кој на „Фејсбук“ ја нарече „новинарска проститутка“.

Такева, пишувајќи репортажа за дрвото секвоја, што во Македонија расте единствено во Малешевијата, згрешила во редот на буквите и напишала „севкоја“.

„Оваа e неписмена. Не знам каква награда добила, но знам кој ѝ ја доделил. Таа е новинарска проститутка, ништо повеќе. Сега знам, за овој мој коментар ќе напише нешто лошо за мене или за Берово, но се навикнавме, не е страшно, ја прочита народот“, пишува на својот профил градоначалникот Наџински.

Такева, инаку, е овластен лектор, магистер по македонистика и комуникологија и веројатно направила печатна грешка, која подоцна ја поправила. Како еден од ретките дописници од овој крај на Македонија, често излегува со критички текстови за работата на општините. Меѓу нив, и за Општината Берово.

Такева денеска, крајно вознемирена, не сакаше да коментира, само рече дека нема да му остане должна на Наџински по бројните јавни навреди и дискредитација. Но, по оваа навреда, која ја оцени како „дно“, ќе бара судска разврска.

Колегите новинари од регионалниот разгранок на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), давајќи поддршка на Такева, велат дека новинарите од малите средини, кога ќе паднат во немилост на локалните моќници, кои неретко се однесуваат како шерифи, трпат секакви притисоци. Почнувајќи од јавни дискредитации, закани, па сè до потези кои значат останување без егзистенција.
Post date: 2017-01-11 16:40:12
Post date GMT: 2017-01-11 15:40:12
Post modified date: 2017-01-11 16:40:12
Post modified date GMT: 2017-01-11 15:40:12
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com