This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Wed Oct 17 5:33:05 2018 / +0000 GMT

ЕК понуди помош за пронаоѓањето на убиецот на бугарската новинарка




Европската комисија соопшти дека со шок ја примила веста за убиството на бугарската новинарка Викторија Маринова (30), која работела на истражување за злоупотреба на ЕУ фондовите во Бугарија и ја понуди својата помош за пронаоѓањето на убиецот.

- Повторно еден храбар новинар настрада во борбата за вистината и против корупцијата. Внимателно ќе ја следам истрагата и ја нудам помошта од агенциите на ЕУ - рече Франс Тимерманс, потпретседателот на Европската Комисија.

Маринова во саботата беше пронајдена во парк во северниот бугарски град Русе. Била силувана, давена и претепана до смрт.

Нејзиното убиство уследи по телевизискиот прилог за наводна злоупотреба на ЕУ фондовите од бугарската компанија ГП „Груп“.

Сепак, бугарскиот министер за внатрешни работи, Младен Маринов, порача оти нема докази дека убиството е поврзано со нејзината работа.

- Станува збор за силување и убиство - вели тој.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов соопшти дека убиецот наскоро ќе биде фатен, оти имало многу докази.

- Прашање на време е кога убиецот ќе биде пронајден. Во Русе се испратени најдобрите криминолози, да не им правиме притисок. Обезбедено е големо количество ДНК - рече тој.

Убиството на Маринова се случува по убиството на Јан Куциак во Словачка во февруари годинава и на Дафне Каруана Галиција во Малта пред една година. И овие двајца новинари истражуваа корупција во владите и злоупотреби од различни компании и групи.
Post date: 2018-10-08 11:20:51
Post date GMT: 2018-10-08 09:20:51
Post modified date: 2018-10-08 11:30:43
Post modified date GMT: 2018-10-08 09:30:43
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com