fbpx

Драма во Грција околу изборот на кандидат за претседател

-

Изборот за претседател на Грција се претвори во вистинска драма. Откако неуспехот да се избере Ставрос Димас доведе до предвремени избори и до политички земјотрес, сега владата на Алексис Ципрас никако не може да се договори за кандидатот за претседател.

По неколкучасовно исчекување на обраќањето на Ципрас до народот, закажано за вчеравечер, а на кое требаше да биде објавено името на кандидатот за претседател, премиерскиот кабинет ненадејно го откажа.

Владиниот потпарол Гаврил Сакеларидис најави дека одлуката е презакажана за вторник.

Кандидатот ќе биде објавен по состанокот на Еврогрупата и по заедничката седница на парламентарната група на СИРИЗА во вторник. Парламентот ќе гласа за претседател по итна постапка в среда.

Иако одлуката се сметаше за донесена, Ципрас имаше средба со коалицискиот парнер Панос Каменос, кој излезе и најави дека нема да има проблем со претседателскиот кандидат, сепак, кога камерата на државната телевизија влезе да го снима обраќањето, тоа, на крај, не се случи.

Главната причина за одложување на најавата на кандидатот за претседател се оценува дека се несогласувањата во СИРИЗА околу личниот избор на Ципрас, за тоа кандидат да биде Димитрис Аврамопулос.

Името на грчкиот еврокомесар и пораншен шеф на дипломатијата се слуша како дефинитивен избор на Ципрас, а медиумите во текот на вчерашниот ден со сигурност го најавуваа како нов претседател. Меѓутоа, Аврамопулос се чини не добива зелено светло токму од членовите на СИРИЗА.

Оцените се дека членството на партијата бара новиот кандидат за претседател да биде заеднички одлучен и избран од партијата, а не да биде личен избор на Ципрас. Поради ова, во вторник ќе се одржи седница на парламентарната група на СИРИЗА, на која се очекува да се донесе конечна одлука.

Константното одложување на одлуката за кандидат за претседател сè повеќе ги зголемува шпекулациите со имињата за потенцијалниот претседател. Покрај Аврамопулос, вчера првпат се слушна и името на Дора Бакојани. Според медиумите, лидерот на Независни Грци, Каменос, на Ципрас му споменал идеја за жена претседател, предлагајќи ја Бакојани како кандидат.

Покрај неа, се слушаат и имињата на режисерот Костас Гаврас, поранешната европратеничка на Нова демократија, Мариета Јанаку, ексминистерот Прокопис Павлопулос и неколку други истакнати културни личности во Грција. Се шпекулира дека левичарската партија не е наклонета на идејата за кандидат од центар-десницата, односно од Нова демократија, и сметаат дека подобро би било кандидатот да биде од левиот центар или, пак, личност која не е поврзана со политичкиот живот во Грција.

Доколку конечниот кандидат биде личност од редовите на Нова демократија, се очекува Грција уште в среда, на денот на гласањето, да има избрано нов претседател и наследник за Каролос Папуљас, чиј мандат истекува во март.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Не е точно дека француски трупи пристигнале во украинскиот град Славјанск

Станува збор за некритички пренесена вест од опскурен Телеграм канал „Воена хроника“, непознат во пошироката јавност, а неговата релевантност и кредибилност се под голем знак прашалник. Оваа вест не ја...