!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Борците на ИД пукаат со оружје од НАТО, тврди сириски генерал


       
Дамаск, 25 октомври, 2017 - 13:44 (META) 

Сириската армија во источниот град Ал Мајадин, кој се сметаше за главно складиште на терористите на Исламска држава, пронашла толку многу оружје што ќе ѝ требаат шест дена за да го собере, соопшти бригадниот генерал на сириската војска, Хасан Сухаил, додавајќи дека поголем дел од оружјето потекнува од земји членки на НАТО.

– Ќе ни требаат најмалку шест дена за да го однесеме сето оружје што го оставија борците на ИД откако побегнаа. Има многу странско оружје – рече Сахаил.

На видеоснимката што ја објави „Прес ТВ“ се гледаат беспилотни летала, пушки од различен калибар, автомобили, разна муниција, против-тенковска муниција, радарска опрема, медицинска опрема…

Генерал Сухаил на новинарите им соопшти дека најголем дел од оружјето е произведено во земји членки на НАТО, односно во Велика Британија, Белгија и во САД.

Од НАТО демантираат дека ИД поседувала нивно оружје, истакнувајќи дека тие не тргуваат со терористи.

И британскиот министер за одбрана го демантираше тврдењата на сирискиот генерал, нарекувајќи ги шпекулации.