Бесплатен интернет на скопскиот аеродром


       
Скопје, 15 октомври, 2015 - 12:12 (META) 

„ТАВ Македонија“ во соработка со „Македонски телеком“ воведе бесплатен интернет на скопскиот аеродром „Александар Велики“.

Станува збор за бесплатен безжичен интернет кој е достапен во терминалната зграда и во салонот за важни личности на скопскиот аеродром, а кој патниците можат да го користат со едноставно приклучување на безжичната мрежа со име „Telekom HotSpot“.

По поврзувањето на оваа мрежа, патниците преку интернет-пребарувачот на својот мобилен уред автоматски се поврзуваат со веб-страница на која преку кликнување на иконата „поврзи се“ можат да го користат бесплатниот интернет, без потреба од впишување лозинка.

Ваквото поврзување трае 30 минути, а по секоја сесија на интернет, потребно е ново најавување на корисникот на безжичната мрежа.

– Со новиот квалитетен и брз интернет кој сега го нудиме во соработка со „Македонски телеком“, веруваме дека ќе ги задоволиме потребите на патниците да бидат во тек со информациите на интернет, како од бизнис-аспект, така и од аспект на забава и релаксација додека престојуваат во терминалната зграда – изјави Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Брзиот интернет на „Александар Велики“ обезбеден од „Македонски телеком“ е придружен со корисничка заштита, што значи дека секоја несоодветна содржина, како вируси и спам, ќе биде филтрирана.