Фејсбук, Инстаграм и Месинџер беа во прекин речиси два часа

„Мета“ им се извини на корисниците кои беа погодени од прекините, додавајќи дека го решиле проблемот најбрзо што можат

Photo by Brett Jordan on Unsplash

Технолошката компанија „Мета“ соопшти дека го решила „техничкиот проблем“ поради кој Фејсбук, Месинџер и Инстаграм беа недостапни речиси два часа.

Стотици илјади корисници ширум светот не можеа да пристапат до овие апликации, пренесува Би-би-си.

Проблемите се појавија околу 16 часот и 20 минути по локално време, а погодени беа и мобилните апликации, како и десктоп верзиите од платформите.

Паднаа Инстаграм, Фејсбук и Месинџер

„Мета“ им се извини на оние кои беа засегнати од прекините, додавајќи дека го решиле проблемот најбрзо што можат.

Интернет-страницата „DownDetector“ посочи дека прекините зафатиле повеќе земји во светот, а проблеми со социјалните мрежи што се дел од „Мета“ имаше и во Северна Македонија.

Овие социјални мрежи се едни од најпопуларните во светот. Фејсбук брои три милијарди активни месечни корисници, додека Инстаграм се очекува годинава да достигне 1,4 милијарда корисници ширум светот.

Прекини беа регистрирани и на најновата социјална мрежа на „Мета“ – „Тредс“, ривалот на Твитер што беше лансиран минатата година. Единствено апликацијата за размена на пораки „Вотсап“, која исто така е во сопственост на „Мета“, не беше засегната од проблемите.

Белата куќа соопшти дека го следи прекинот, кој се совпадна со таканаречениот „Супер вторник“ – ден кога милиони Американци гласаат на американските прелиминарни избори.

„Свесни сме за инцидентот и во овој момент немаме сознанија за каква било конкретна врска со изборите или некоја конкретна злонамерна сајбер активност“, изјавил висок претставник на американската агенција за сајбер-безбедност и инфраструктурна безбедност, а пренесе Гардијан.

Најголемиот прекин досега што го доживеа „Мета“ беше во 2021 година, кога сите услуги на компанијата, вклучително и Фејсбук, Инстаграм и Вотсап беа во прекин речиси шест часа. Причина беше конфигурациска грешка во протоколот познат како „БГП“, што доведе до тоа компанијата случајно да ја избрише сопствената адреса од системите што им овозможуваат на серверите да комуницираат меѓусебно на интернет.