Ахмети: Членството во ЕУ и НАТО ќе ни донесе напредок, стабилност и мир


       
Скопје, 13 август, 2018 - 16:02 (META) 

Секретаријатот за европски прашања денеска во Клубот на пратеници организираше панел дискусија „Патот до Брисел преку Охрид“ за одбележување на 17 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој се направи спој помеѓу Охрид како внатрешна интеграција и Брисел како надворешна интеграција на државата.

Премиерот Зоран Заев рече дека Охридскиот рамковен договор гарантира дека насилството нема да биде начин на остварување на нечии права, дека гарантира недискриминација и претставува темел на соживот помеѓу етничките заедници.

– Сега создадовме уште еден историски договор, 17 години по рамковниот. Договорот со Грција ни го гарантира правото да се определуваме како Македонци, нашето државјанство е македонско, нашиот јазик е и ќе остане македонски. Како што пред 17 години храброста на политичарите и на граѓаните ја извадија Македонија од кризата така и сега имаме шанса да ја осигуриме нашата европска иднина – рече Заев.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека пред 17 години без ангажирањето на НАТО државата ќе платела висока цена, но не материјална, туку човечка.

– Тогаш имаше многу ангажирања во спротивен правец за договорот да не се реализира. Имаше струи и земји кои што не сакаа нашата земја да биде стабилна и да оди напред, но прогресивните сили победија. Сега, референдумот е момент кој што треба да не сплоти затоа што е во интерес на сите граѓани. Треба да не однесе во правец кон членството во ЕУ и НАТО затоа што таму го гледаме развојот, напредокот и иднината, а тоа ќе значи мир, стабилност и благосостојба за граѓаните, државата и целиот регион – рече Ахмети.

Охридскиот рамковен договор означи крај на еден конфликт за кој се уште не може да даде одговор на прашањата дали мораше да се случи, смета Дафина Јовановска – Стојановска, пратеник во Собранието на Република Македонија како претставник на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

-Таа 2001 година не потсетува на период на загинати, исчезнати и трауми. Ужасите на војната не му се потребни на едно вакво мало општество. Војната и резултатите од неа отворија рани кои што времето ќе ги залечи ако не додава некој сол на нив. Тажно е кога се отвораат прашањата кои што се болни за да се затскрие неспособноста да се решат реалните проблеми на граѓаните како сиромаштијата, корупцијата и криминалот – потенцираше Јовановска – Стојановска.

Доколку референдумот за спорот за името биде неуспешен тогаш тоа ќе значи крај на владеењето на правото, а најверојатно и на мирот рече поранешната заменичка на помошникот Скератар за одбрана на САД, задолжена за Европа и Азија во администрацијата на Обама, Евелин Фаркаш.

– Американскиот Стејт департмент ги поддржува мирот и стабилноста на Западен Балкан и борбата против Путин и путинзмот – вели Фаркаш.

Дека од големо значење е одлуката која што граѓаните ќе ја донесат на претстојниот референдум смета и сер Барни Вајт Спунер (Sir Barney White-Spunner, поранешен генерал на Британската армија и поранешниот командант на НАТО во Република Македонија, за време на потпишувањето на рамковниот договор.

– НАТО значи дека 29 членки ќе стојат зад вашиот грб и ќе ве штитат, ќе има обуки за војската, зголемување на БДП, странски инвестиции и многу вработувања – вели Спунер.

На одбележувањето на годишнината од Рамковниот договор не присуствуваа потписниците Бранко Црвенковски, поранешен лидер на СДСМ и Љубчо Георгиевски поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Вицепремиерот за европски прашања рече дека тој лично ги поканил, но дека тие во овој период биле надвор од Скопје.

Забележително беше и отсуството на вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Хазби Лика, за кој Османи рече дека тој самиот треба да одговори зошто не дошол на одбележувањето.