fbpx

ЗОШТО (НЕ) Е ТАКА: Најраспространетите митови и дезинформации за војната во Украина

Експерти и познавачи одговараат на некои од најраспространетите митови и дезинформации кои изминативе 12 месеци ја проследија руската агресија врз Украина.

-

Денеска навршува една година од руската агресија врз Украна. На 24 февруари минатата година, Руската Федерација во 5 часот наутро по локално време ја започна воената инвазија на соседна Украина. Земјата беше нападната од повеќе правци, а експлозии имаше во повеќе градови, вклучувајќи го и главниот град Киев.

Војната во Украина, покрај тоа што предизвика големи страдања, воени и цивилни жртви, стотици милијарди долари уништена инфраструктура, произведува и редовен наплив на дезинформации. Значителен дел од нив пристигнуваат и во Македонија со цел да ги замаглат фактите и да му помогнат на Кремљ во борбата за јавното мислење во земјава, пред сѐ, за да ја оправда со ништо предизвиканата агресија врз својот сосед.

Поради важноста на темата, во новата епизода на „Зошто (не) е така“ ги коментираме токму најраспространетите дезинформации кои ја следеа инвазијата врз Украина. За нив зборуваат уредничката на Порталб, Елида Зилбеари, Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика – ИМА и новинарката од порталот Независен.мк, Слободанка Јовановска која била во Украина само една недела пред почетокот на руската агресија.

1. Украина вршеше злосторства против руското население во земјата и затоа Русија мораше да интервенира – а и всушност, Украина и Русија се една нација

Не е така. Украина и Русија се различни земји, народите коишто живеат во Украина и во Русија се различни народи, зборуваат на различни јазици, користат различни азбуки. Тие два јазика се блиски или сродни, но не можеме да кажеме дека се зборува за една нација, еден народ, еден јазик, една азбука.

Напротив, повеќе извештаи на кредибилни организации, почнувајќи од Обединетите нации (ОН), Амнести Интернешнл и други организации за човековите права, го тврдат спротивното – дека токму Русија е онаа која врши злосторства и напади врз цивилно население и врз цивилни објекти во Украина.

На крајот на краиштата, Киев постоел пред да постои Москва.

 

2. Украина е водена од нацисти/фашисти и ја заслужува војната

Не, ова не е така. Украина не ја водат нацисти, а ниту фашисти и нема докази дека нешто такво се случува. Оваа пропаганда започна на почетокот на минатата година, пред инвазијата на Украина со цел да се оправда руската агресија. Се објавија неосновани податоци и без никакви факти дека Зеленски во рацете ја држи нацистичката свастика, но проверувачите на факти докажаа дека тоа не е вистина и дека фотографијата е манипулирана.

Украина е водена од Володимир Зеленски, Евреин по потекло од руското говорно подрачје, демократски избран претседател кој е претставник на партијата Слуга на народот. Апсурдно е да се тврди дека човек чии претци биле жртви на нацистичкиот терор во Втората светска војна, дека е нацист или фашист или дека претставува нацистичка или фашистичка државна структура.

Ваквите информации се засноваат на тврдењата дека во Украина се влијателни екстремистички нацистички или фашистички партии. Меѓутоа, сите информации досега покажуваат дека тие никогаш во историјата не го поминале прагот од 5 отсто од гласовите на избори и само еднаш се случи екстремистичка партија да влезе во државната Рада.

 

3. Со руската агресија врз Украина, коронавирусот го снема

Не е така. Новинарката од порталот Независен.мк, Слободанка Јовановска, ја посети Украина една недела пред да почне војната и сведочи дека морала да направи неколку тестови бидејќи сè уште имало епидемија во земјата.

Интервенцијата во Украина се совпадна со крајот на вакцинацијата против коронавирусот, така што исчезнувањето на коронавирусот од јавниот дискурс се должи на вакцинацијата, а не на војната меѓу Русија и Украина.

Сè уште постои коронавирусот во светот, има нови соеви, има бројки, има извештаи кои доаѓаат од повеќе земји. Секако дека пандемијата е спласната и не е како на почетокот. Можеби вниманието на медиумите и јавноста секаде во светот беше повеќе свртено кон руската агресија врз Украина, но тоа не значи дека коронавирусот го снема.

 

4. Украина сака да предизвика трета светска војна

Не е така. Војната не ја почна Украина, ја почна Русија. Украина не напаѓа соседни држави, Русија напаѓа. Украина се брани, а не води војна.

Напротив, тие кои се закануваат со употреба на масовно оружје за уништување и со вовлекување на светот во некаков глобален конфликт се токму високи претставници на Русија или нивни пропагандисти како што се Соловјов или уредничката на „РТ“, Симониан, коишто постојано зборуваат дека, доколку Русија продолжи да биде напаѓана од Западот, тоа може да значи некаков светски конфликт или т.н. Трета светска војна.

 

5. Русија воведе цензорски закони за поголема контрола на медиумите во земјата

Така е. Медиумите во Русија се ограничени и цензурирани. Кремљ го контролира наративот за војната во Украина, особено на државната телевизија, која од 24 февруари ја фали руската инвазија на соседната земја и ја нарекува ослободителна мисија. Медиумите не известуваат за злосторствата на руската армија во Украина, туку дека Украинците ги бомбардираат нивните градови, а пак руските војници се претставуваат како ослободители. На почеток на војната рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор им нареди на медиумите да ги избришат известувањата за воената агресија на Русија врз една соседна земја во кои се користени зборовите „напад“, „инвазија“ или „објавување војна“.

Со почетокот на инвазијата на Русија врз Украина беше воведен терминот „специјална воена операција“. Практично, со измена на законите, секое спротивставување на официјалното толкување на војната и секој протест или пак проблематизирање на „фактите“ се казнува со закон до 15 години. Сите странски медиуми ја напуштија земјата, независните медиуми ги затворија редакциите, многу од нив беа затворени и од власта и има случаи луѓе да завршат во затвор заради оддавање почит на жртвите од војната во Украина.

 

6. Не станува збор за инвазија, туку за специјална воена операција во Украина

Не е така. ОН донесоа резолуција која ја поддржаа 141 земја од светот и каде што се осудува воената агресија на Русија врз Украина.

Фразата што се користи за внатрешна руска пропаганда во Русија е „специјална операција“ и има за цел да ги убеди самите Руси да ја оправдаат војната во Украина, како и да го оправдаат испраќањето на руските сили во оваа соседна земја.

Повеќе формални меѓународни организации – ОН, ЕУ, ОБСЕ, НАТО и повеќе држави во светот не зборуваат за никаква специјална воена операција, туку за воена агресија на Руската Федерација врз Украина.

Војната се води во Украина, Русија ја нападна Украина. Таа е таа којашто изврши воена агресија и тука не станува збор за никаква специјална воена операција, туку за класична војна, односно за инвазија на една земја врз друга.

Факт е дека не станува збор за „специјална операција“, бидејќи самото присуство на една голема воена армија, со оклопни возила, со авиони и со сè што располага Русија, се коси со таа „специјална воена операција“ која веројатно би била нешто минимално, со мали специјални сили испратени за некоја друга цел, а не за војна.

 

7. Украинскиот претседател Володимир Зеленски избегал од Киев

Не е така. Оваа дезинформација ја видовме повеќе пати од почетокот на воената агресија на Русија врз Украина.

Пренесена од руските медиуми, оваа дезинформација стигна и до Македонија. Се пишуваше дека Зеленски побегнал во Лондон. Тој го демантираше тоа со објавување на едно видео во кое со целиот свој кабинет вели дека не е предавник и дека сè додека во неа се војува, тој нема да се откаже од Украина и дека ќе се борат заедно.

Истата дезинформација неколку пати беше објавена во медиумите кои шират руска пропаганда, но светските медиуми направија интервјуа со Зеленски од Киев од каде што тој редовно објавува видеа во кои се гледа дека е навистина таму.

 

8. Масакрот на цивилите во Буча е инсцениран

Не е така. Ова е дрска дезинформација. За масакрот во Буча и во други градови како Изум и Херсон во Украина постојат видеа, фотографии, сведоштва и тела расфрлани по улици, кои ако одите на Гугл и се вратите временски, може да ги видите на сателитските снимки.

 

9. Џорџ Сорос и Володимир Зеленски се татко и син

Не е така. Зеленски во една прилика во едно интервју самиот го демантираше ова и рече дека никогаш во животот немал средба со Сорос. Ова е дел од редовната руска пропагандна реторика за десоросоизација која се користи и во Русија и надвор од Русија.

Ако се Џорџ Сорос и Зеленски дел од таа теорија на конспирација дека тоа е некаква завера на Евреите против светот, тогаш тоа се коси со другото апсурдно тврдење дека Зеленски е нацист и дека служи на некаква нацистичка или фашистичка цел.

Апсолутно се апсурдни овие тврдења и нема никаква фактичка поткрепа изнесена од кој било кредибилен извор дека Сорос и Зеленски се татко и син или се во каква било роднинска врска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.
Горан Стефановски фото: Општина центар

УКИМ ќе основа Фондација „Горан Стефановски“

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) соопшти дека денеска донел одлука за основање на Фондација „Горан Стефановски“. Одлуката ја донел Сенатот на УКИМ, во очи роденденот на...