Зошто да учам кога има вештачка интелигенција? – тема на втората „Сајбер Шејк“ дискусија за млади

Настанот ќе се одржи на 18 декември во 18:00 часот во Тетово во просториите на Future Skills Next Center на Универзитетот на Југоисточна Европа

Дали треба да се дозволи употреба на вештачката интелигенција на универзитетите и во училиштата? Колку се универзитетите подготвени да се борат против злоупотребата на генеративната ВИ? Дали употребата на вештачката интелигенција треба да се регулира со закон?

Ова се само дел од прашањата кои ќе бидат отворени на настанот „Сајбер Шејк“ – дискусија за млади на тема „Зошто да учам кога има вештачка интелигенција?“.

Настанот, организиран од Фондацијата „Метаморфозис“, ќе се одржи в понеделник, на 18 декември, со почеток во 18:00 часот во Тетово во просториите на Future Skills Next Center на Универзитетот на Југоисточна Европа. Сите заинтересирани за присуство може да се регистрираат на следниот линк.

На настанот ќе говорат министерот за образование и наука Јетон Шаќири, професорот Адриан Бесими од Универзитетот на Југоисточна Европа, координаторката на Форумот за образовни промени Сабрије Тефики и студентките Зана Речи (УЈИЕ) и Њомза Бехадини (Универзитет во Тетово). Дискусијата ќе биде модерирана од новинарот Фисник Џелили од Порталб.мк.

„Сајбер шејк“ е дел од меѓународната конференција е-Општество.мк, чиј главен настан ќе се одржи следниот ден, на 19 декември, во хотелот „Мериот“ во Скопје. Темата на конференцијата е „Вештачка интелигенција и човекови права: Потрага по вистинскиот баланс помеѓу иновација и одговорност“. Дел од говорниците на конференцијата се Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација, Фестим Халили, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, како и странските говорници Камил Сливовски од Полска, кој е дизајнер на активности и содржини за учење ИНКО и Јан Цингел од Словачка, кој е основач и претседател на „Strategic analysis“.

Настанот „ Сајбер шејк“ го организира Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ со поддршка на Активноста на УСАИД за млади луѓе кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата IESC во партнерство со Младинскиот образовен форум и CEED Hub Скопје.