fbpx

Злоупотребите на Клиниката за онкологија ја отворија рак-раната за мешањето на партиите во правосудството

И покрај апелите од страна на Јавниот обвинител Јовески да не се мафта со документи и да нема „фалење во однос на тој кој има информации за работата на Клиниката за онкологија“ туку истите да се пријават во обвинителството, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и денеска продолжи да зборува за аферата, како што ја нарече „Диво месо“

-

И покрај апелите од страна на Јавниот обвинител Љубомир Јовески да не се мафта со документи и да нема „фалење во однос на тој кој има информации за работата на Клиниката за онкологија“ туку истите да се пријават во обвинителството, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и денеска продолжи да зборува за аферата, како што ја нарече „Диво месо“.

Тој сега вели дека злоупотребите што се случуваат на Клиниката за онкологија, се случувале и на други клиники.

„Имаме индиции дека тоа што се случува на Клиниката за онкологија, се случува и на други клиники. Истражуваме и скоро и за тоа ќе излеземе во јавноста. На канцер мафијата мора да и се стави крај“, кажа Мицкоски за време на денешната посета на Прилеп.

Тој вели дека институциите како Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) и Министерството за здравство, не само што не постапуваат по наодите на Државна ревизија, туку неправилностите само се продлабочуваат.

Мицкоски посочи дека партијата има обемна документација и од последните години, а не како што зборуваше власта, дека тоа било случај до 2021 година.

„Од досегашните анализи извлековме неколку заклучоци. Првиот се темели на Извештај од вонредниот надзор на набавките на УКРО и МЗ или на документи за периодот 01.08.2021 до 01.08.2023, како и за парцијалниот надзор декември 2022 – март 2023 година и констатирани се неправилности кои се дополнително и засилени. Затоа бараме да се прошири истрагата и работата и за тој период“, кажа Мицкоски.

Како второ, Мицкоски посочи дека е констатирано дека и покрај огромни милионски залихи на лекови тоа не ги спречувало надлежните и од МЗ и од УКРО да распишуваат тендери иако имало залихи. И како трет заклучок тој посочи дека „има дилема како се дава дозвола на пациенти терапијата да биде аплицирани во други здравствени установи бидејќи транспортот е специфичен“.

„Потоа спорно е и треба одговор дали некој добива повратна информација дали терапијата е аплицирана, дали тие вијали се целосно потрошени или делумно и што се прави со останатото итн. Имате омилена веледрогерија која снабдува милионски суми на лекови, а од друга страна има катастрофални услови каде се аплицира истата“, рече тој.

На ова реагираа од владејачката СДСМ, од каде тврдат дека Мицкоски „со континуирано изнесување невистини ја поткопува и загрозува истрагата за oнкологија“.

„Ако Мицкоски навистина има докази треба да ги поднесе до надлежни институции, пред сè до надлежно Јавното обвинителство. Јавно објавување значи директно загрозување на истрагата за Онкологија, а прикривање докази е кривично дело. Очигледно Мицкоски свесно ја загрозува истрагата за Онкологија и се наметнува прашањето која е неговата цел, дали сака да ја попречи правдата и да заштити некој од инволвираните во случајот“, велат од СДСМ.

Не помогнаа апелите партиите да ги тргнат рацете од правосудството

Случајот за сериозните сомнежи за злоупотребата на биолошката терапија која се користела за пациентите болни од рак на Клиниката за онкологија во случајов е дополнително искломплициран, со оглед на тоа што во Јавното обвинителство веќе е во тек предистражна постапка.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески вчера беше повикан да зборува пред собраниската Анкетна комисија, а тој со остар тон замоли да го остават обвинителството да си ја заврши работата.

„Кривичната одговорност, можеби ќе ве разочарам, но не е во ваша надлежност“, рече тој и додаде:

„Јас повикав на истото во оваа сала пред само неколку дена – оставете нè да си ја работиме работата. Предметот онкологија се води темелно и стручно и ќе дојде до вистината, без разлика на некои обиди за опструкции“, рече тој пред присутните, додавајќи дека „секојдневно, дипломатски претставници, претставници на Европската Унија и на други меѓународни институции, невладини организации, ве повикуваат вас, политичарите, да не се мешате во работата на правосудството“.

Според Јовески, со мешањето на политиката во овој случај директно се загрозува постапката и валидноста на доказите, а паралелна истрага е недозволива.

„Со тоа се загрозува истражниот процес и се дава можност на одбраната во суд да ни ги оспорува доказите“, рече тој.

Јовески пред Анкетната комисија за онкологија: „Оставете нè да си ја вршиме работата!“

Реагираа и од Клиниката за онкологија, од каде изјавија дека апсолутно не станува збор за никакво ново откритие или скандал објавен од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Наводите и документите кои беа објавени се дел од документацијата која уште од почетокот на истрагата е предадена на сите истражни органи. Истата документација е во целост предадена и на Анкетната комисија“, велат од клиниката.

Оттаму образложуваат дека клиниката од добавувачите повлекува количини лекови најчесто на месечно ниво. Заради зголемени потреби и нови пациенти, често се случува побрзо исцрпување на повлечените количини и истите да се потрошат порано од планираното. Ова пред комисијата веќе го изјавија и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, но и ексдиректорот на клиниката Нино Васев.

Клиника за онкологија: Мицкоски не откри никаков скандал, да престане политизирањето на случајот

И покрај ова, претседателката на Анкетната комисија за работењето на Клиниката за онкологија, Рашела Мизрахи, рече дека ќе бара проширување на надлежностите и работата на Анкетната комисија.

„Овие нови сознанија (н.з. сознанијата на Мицкоски) за случувањата на Онкологија ја наметнуваат потребата да се испитаат сите нови информации и да се родолжи рокот на работата на комисијата и да се прошири опфатот на периодот на кој таа се однесува вклучително и тековниот период од април 2023 година на кој се однесува извештајот на ФЗО“, рече Мизрахи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...