Празни перони, чекални и билетара ги пречекуваат посетителите на Железничката станица во Скопје. Во најголем дел од денот, маркантното дело на архитектот Кензо Танге зјае неискористено во услови кога Скопје секојдневно се соочува со сообраќаен метеж.

Помалку од 40 возови дневно поаѓаат и пристигнуваат од оваа железничка станица, што резултира со неискористување на огромниот потенцијал што го има ова здание во центарот на Скопје.

Според податоците на Државниот завод за статистика, од Скопје со воз во 2017 година отпатувале 193.000 патници. Наспроти ваквите негативни резултати, кога се подготвувал проектот за изградба на Транспортниот центар – Скопје во 60 – тите години од минатиот век, идејата била возот да прерасне во едно од главните превозни средства за жителите на главниот град.

Во публикацијата „Skopje Resurgent: The Story of a United Nations Special Fund Town Planning Project“ на Обединетите Нации од 1970 година се вели дека Скопје до 1981 година требало да има 18 милиони патници годишно што ќе патуваат со воз. Врз основа на овие бројки од сообраќајните инженери и урбанистите ангажирани од Обединетите Нации, јапонскиот архитект Кензо Танге го изработил проектот за изградба на Транспортниот центар – Скопје.

Во денешната сурова реалност, единствено 5 од 10 – те железнички колосеци на овој импозантен објект се користат за патнички железнички сообраќај. Останатиот непокриен дел од станицата не се употребува и чека на проекти и средства со кои би можело да се исползува нејзиниот потенцијал. Од Македонски железници – Инфраструктура за „Мета“ велат дека реконструкцијата на Железничката станица – Скопје е веќе завршена, а во нејзината обнова се вложени 2,6 милиони евра преку ИПА фондовите на Европската Унија.

Никола Крстаноски, универзитетски професор по јавен градски превоз на Техничкиот факултет од Битола, посочува дека недостигаат почести регионални возови од Скопје до Велес, Куманово, Тетово и Гостивар. Македонски железници – Транспорт треба да ги зачестат поаѓањата на возовите до градовите што се лоцирани околу Скопје, особено на почетокот и на крајот на работното време.

– Би имале голем број патници и приход особено ако понудат поефтин билет – нагласува професорот Крстаноски.

Од Транспортниот центар постои можност за воведување возови и до Меѓународниот аеродром Скопје, со што би се зголемила фреквенцијата на патници. Во развиените земји најголем дел од превезените патници со воз се токму на кратки растојанија, и тоа кон населените места што гравитираат околу поголемите градови.

Еден од позитивните примери е германскиот железнички оператор „Дојче бан“, кој одржува два проекта – S – Bahn како градско – приградска железница што е воведена во поголемите градови и DB Regio како организатор на регионалните возови на кратки и средни дестинации.