fbpx

Железницата како најстара државна институција, одбележа 150 години од постоењето [фото]

На денешната свеченост се отвори и изложбата по повод одбележувањето на 150 години од основањето на Македонските железници, и тоа во просториите од Транспортниот центар коишто се наменети за идниот железнички музеј којшто ќе го добие земјава

-

Назим Точи е највозрасниот железничар во земјава, кој со своите 89 години е најстариот жив сведок од развојот на Македонските железници во изминативе 150 години. Тој денеска доби благодарница од вицепремиерот Фатмир Битиќи и директорот на ЈП за железничка инфраструктура Хари Локвенец, на свеченоста организирана во Транспортниот центар во Скопје, по повод одбележување на 150 годишнината од основањето на Македонските железници.

На свечениот настан во железничката сала благодарници им беа доделени и на жената – железничарка Десанка Терзиевска, Јовица Ѓорѓевиќ како највозрасен шеф, Владо Трајковски како највозрасен кондуктер и Дејвид Гир амбасадор на ЕУ во земјава. Благодарница денеска доби и Владимир Петков, кој макотрпно долги години има собирано огромен број железнички експонати кои се сведок на историскиот развој на Македонските железници.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи им го честиташе јубилејот на македонските железничари. Тој на идните генерации им вети дека во наредните 10 години ќе имаме европска железница.

„Нема да изостане нашата поддршка за железницата преку државниот буџет. Со изградбата на железничкиот Коридор 8 кон Бугарија градиме европска иднина за нас и за железницата“, изјави вицепремиерот Битиќи.

Тој напомена дека само за изградба на пругата кон Бугарија се инвестираат 600 милиони евра.

Директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Хари Локвенец на железничарите им вети дека во мај годинава ќе се објави и јавниот повик за избор на изведувач на третата фаза од пругата кон Бугарија, односно за изведба на најтешката фаза меѓу Крива Паланка и граничниот премин Деве Баир.

„Поради иднината, ви ветуваме уште еднаш дека воз од Скопје за Софија и обратно ќе сообраќа“, изјави Локвенец.

Во својот говор, тој изрази огромна благодарност до Европската Унија, со која заедно се трасира изградбата на секоја железничка делница.

„На еден метар македонски инвестирани денари, метар се бакшиш европски пари како влог во иднината на младите и државата“, изјави директорот на ЈП за железничка инфраструктура.

„Нека ни е честит јубилејот“ рече Хари Локвенец, изразувајќи огромна благодарност до железничарите и сите вработени во јавното претпријатие, кои безрезервно го ставаат своето знаење и искуство во развојот на железницата.

Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ пред присутните потенцираше дека како земја треба да направиме сè што е потребно за да ги изградиме железничките врски кон Албанија и Бугарија, потенцирајќи дека земјава во овој напор ќе ја има поддршката од Европската Унија.

Тој потенцираше дека во изминативе 15 години веќе се реализирани значителни инвестиции со помош на ЕУ, така што се реконструирани 11 железнички станици во земјава и е реконструирана пругата Битола-Кременица. Худолин рече и дека не изостанува поддршката од ЕУ во изградбата на пругата кон Бугарија.

На денешната свеченост се отвори и изложбата по повод одбележувањето на 150 години од основањето на Македонските железници, и тоа во просториите од Транспортниот центар коишто се наменети за идниот железнички музеј којшто ќе го добие земјава.

Изложбата се состои од стотина артефакти кои го следат развојот на нашата железница, почнувајќи од катастарскиот план за изградба на пругата од Солун до Митровица од 1888 година, Морзеов телеграф на „Сименс“ од 1888 година, стара машина за издавање на железнички билети, макети на локомотиви и патнички и товарни вагони, и бројни други документи и железничка опрема зачувана како историско наследство.

На свечениот настан настапија и музичките уметници Божана Ѓошева и Џенгис Ибрахим, како и ученичкиот хор на основното училиште „Кузман Јосифовски-Питу“ и ансамблот на народни песни и ора „Ибе Паликуќа“. Ваквата разноликост при одбележувањето на 150 годишнината била применета и пред 50 години, кога во 1973 година се прославиле еден век од постоењето на Македонските железници.

На 9 април 1873 година минал првиот воз од Солун до Велес, со што ова е историскиот датум кога била пуштена во функција пругата од денешниот Коридор 10. По тој повод, во 1994 година Работничкиот совет на Македонски железници го прогласил 9 април за Ден на железничарите во земјава.

Со ова, Македонски железници се најстарата државна институција во земјава, која во континуитет непрекинато постои веќе 150 години низ историјата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...