fbpx

Од вторник ќе се топат замрзнатите цени, увозници со фиктивни фактури за овошје и зеленчук

Министерот истакна дека веќе од крајот на април и почетокот на мај очекува цените да паднат бидејќи ќе започне продажбата на домашните производи

-

Министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција по состанокот со увозниците и комората најави дека ќе се прави корекција на замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот поради фиктивни фактури кои увозниците ги прикажале пред Царинската управа.

Тој појасни дека овие фактури имале за цел да создадат погрешна слика за цените на овие производи, кои генерално се увезуваат од Грција, Албанија и Турција и рече дека прикажувањето на двојни фактури пред Царинската управа е документирано од институциите. Министерот потсети и дека прикривањето на данок над 10.000 евра е кривично дело.

„Ќе се прават контроли за тоа како е направен увозот за сите увозници за овошје и зелечук за последните месеци. На терен е финансиската полиција и Државниот пазарен инспекторат за да не се направи штета на буџетот и на граѓаните. Давале други фактори во Царина, а со други фактури купувале од регионот. Сакале да избегнат царински давачки, и Царина доби задачи да направи детални контроли за месеци наназад“, рече Бектеши.

Бектеши најави дека новата одлука со коригирани цени ќе биде објавена во Службен весник следниот вторник, но истакна дека цените нема да бидат повисоки од 100 денари.

„Владата ќе ги ревидира замрзнатите цени. Кај одредени производи ќе има многу мало зголемување како највисока цена на овие производи, но никако нема да има во малопродажба цени како пред десетина дена кога се движеа околу 130-140 денари, па отидоа и до 150 и погоре. Цена на овошјето и зеленчукот за производите што беа наведени во одлуката нема да има поголема од 100 денари за што дополнително ќе ја информираме јавноста“, кажа Бектеши.

Министерот истакна дека веќе од крајот на април и почетокот на мај очекува цените да паднат бидејќи ќе започне продажбата на домашните производи. Од денес трговците со овошје и зеленчук добија и задолжение од Владата да прибавуваат 70 отсто од количествата кои ги продале во јануари и февруари годинава, а одлуката ќе важи до крајот на април годинава.

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека попладнево свикал координативен состанок со министерот за економија, директорите на Финансиската полиција, Царинската управа и Управата за јавни приходи (УЈП) за да се разговара за одлуките поврзани со замрзнатите цени и за тоа дали трговците ги почитуваат тие одлуки.

Одлука за замрзнување на 11 вида овошје и зеленчук на предлог на Министерството за економија Владата ја донесе на седницата одржана минатиот понеделник и е на сила до крајот на овој месец.

Согласно одлуката почнувајќи од 5 април, свежите домати не може да се продаваат за повеќе од 70 денари, свежите краставици не може да се продаваат повеќе од 75 денари, кромидот не може да се продава повеќе од 60 денари, карфиолот не може да се продава повеќе од 70 денари, зелените пиперки не може да се продаваат повеќе од 90 денари, гравот не може да се продава повеќе од 75 денари, леќата не може да се продава повеќе од 110 денари, бананите не повеќе од 75 денари, портокалите не повеќе од 55 денари, мандарините не повеќе од 60 денари и лимоните не повеќе од 55 денари за килограм.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...