Охриѓанецот Беким Земоски, кој од поранешниот разузнувач Слободан Богоевски се споменува како лицето што ги трансферирало парите во скандалот со „Маѓар телеком“, вели дека Богоевски ќе одговара за клевета и за лажна изјава дадена пред судски орган.
– Изјавата при сведочењето на Слободан Богоевски во њурошкиот суд дека јас, Беким Земоски, сум бил посредник, околу наводното мито во врска со аферата со „Маѓар телеком“ е злонамерна и тендециозна, за да наштети на мојот углед и интегритет – изјави Земоски за „Мета“.
Тој одговорно тврди дека не учествувал во никакви нелегални посредувања и активности, за какви што дал исказ Богоевски.
– Со оглед на тоа дека станува збор за лажна, злосторничка и клеветничка изјава дадена под заклетва и под морална и кривична одговорност, ќе ги преземам сите законски мерки, за лицето Слободан Богоевски да одговара за клевета и за лажна изјава дадена пред судски органи – додава во изјавата Земоски.
Претходно се огласи и вицепремиерот за рамковни прашања, Муса Џафери, кој изјави дека подготвува кривични пријави против поранешниот шеф на тајната полиција, Слободан Богоевски, за неговите обвинувања дека тој и лидерот на партијата, Али Ахмети, се вмешани во скандалот за „Маѓар телеком“.