fbpx

Земјоделците ги блокираа грчките автопатишта, засега нема блокади на границите

-

Движењето низ автопатиштата низ Грција деновиве ќе биде отежнато поради масовните штрајкови на грчките земјоделци. Тие се незадоволни од мерките на грчката влада за пензиското и за здравственото осигурување и од укинувањето на бенефициите.

Повеќе од 10.000 земјоделци со своите трактори се распоредени на автопатиштата низ цела Грција и повремено го блокираат движењето низ нив.

Засега нема блокада на граничниот премин Богородица, ниту кај Дојран кон Грција. Најблиската точка до македонско-грчката граница на која се распоредени земјоделците е влезот на Кукуш. Што ќе се случува во следните денови, ќе биде одлучено денеска напладне, на состанокот на земјоделците кај Темпи, премин кај Лариса, кој ќе биде целосно затворен за движење за возила.

Грчката полиција веќе има издадено инструкции за тоа кои споредни патишта може да се користат за да се избегнат блокадите. Во Северна Грција засега блокади има распоредено на царините на границата со Турција, на автопатот Кукуш – Петрич, кај Кавала и на автопатот Егнатиа, а другите се распоредени на автопатот кон Атина и на Пелопонез.

По денешниот состанок кај Темпи, се очекува блокадите да се зголемат и по бројност и по времетраење, а не се исклучува и блокирање на границите.

Земјоделците се одлучени да не се откажат од штрајкувањата и да не бидат разбиени од страна на владата. Велат, ако владата на СИРИЗА успеала во едно нешто, тоа е да се обединат во еден глас сите земјоделци во земјата, со одлуката да се намалат пензиите и здравствените бенефиции.

Паралелно, на земјоделците ќе им бидат скратени и бенефициите за попуст при купување нафта, ќе бидат укинати бенефициите за сообраќајна регистрација и ќе бидат зголемени даноците. Земјоделците досега важеа за „света“ категорија во Грција, со голем број бенефиции.

Доколку се заострат блокадите, во Грција очекуваат да почнат и меѓународни реакции, бидејќи голем дел од увозот во Бугарија оди преку автопатот Егнатиа, а истата рута се користи и за пренесување производи до Европа.

Грчките земјоделци вакви протести и блокади одржаа и пред неколку години со барања за поголеми бенефиции.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...