fbpx

Зеленски на Генералното собрание на ОН: На руското зло не може да му се верува

Зеленски предупреди на „матни договори“ кои се обидувале да стават крај на војната која е најголемата во Европа по Втората светска војна - под нефер услови

-

„На злото не може да му се верува“, рече во својот говор на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) украинскиот претседател Володимир Зеленски, повикувајќи го светот да се обедини за да стави крај на руската агресија врз неговата земја.

Во страсниот говор во Њујорк, Зеленски порача дека Москва, која е вооружена со нуклеарно оружје, мора да биде запрена во „туркањето на светот кон последната војна“, пренесува Би-би-си.

Тој ја обвини Русија дека како оружје ги користи и храната и енергијата. Во говорот кој во голема мера се фокусираше на опасноста што Русија ја претставува за светот, украинскиот претседател тврдеше дека другите заеднички предизвици, како што се климатските промени, можат соодветно да се решат само откако Москва ќе биде потисната.

Зеленски предупреди на „матни договори“ кои се обидувале да стават крај на војната која е најголемата во Европа по Втората светска војна – под нефер услови. Неговата клучна поента, како што пишува Би-би-си, беше да ја предупреди меѓународната заедница дека исходот од војната ќе влијае на сите.

Целта на Русија, рече Зеленски, е да ја претвори Украина во „оружје против вас, против меѓународниот поредок заснован на правила“.

Овој дел од говорот на Зеленски беше директно насочен кон земјите од таканаречениот „Глобален југ“, вклучувајќи ги Бразил и Индија – кои досега се држат настрана од руската агресија врз Украина.

Зеленски претходно го поздрави говорот на американскиот претседател Џо Бајден, во кој неговиот американски колега предупреди на тешки последици доколку не се запре агресијата на Русија.

„Русија верува дека светот ќе се измори и ќе ѝ дозволи да ја брутализира Украина без последици. Ако дозволиме Украина да се распарчи, дали независноста на која било нација е безбедна?“, рече Бајден во својот говор пред Генералното собрание на ОН.

И првата дама на Украина, Олена Зеленска вчера ги повика светските лидери да помогнат да се вратат украинските деца насилно однесени во Русија, каде што таа рече дека биле индоктринирани и лишени од нивниот национален идентитет, пренесува „Гардијан“.

Зборувајќи на маргините на Генералното собрание на ОН, Зеленска рече дека повеќе од 19.000 украински деца се префрлени на сила или депортирани во Русија или окупираните територии. Досега биле вратени само 386 деца.

Украинската новинска агенција „Укринформ“, пак, повикувајќи се на Фејсбук објава на украинската амбасада во Израел, јави дека била откриена мрежа од интернет ботови кои преку ширење дезинформации се обиделе да ја спречат средбата помеѓу украинскиот претседател Зеленски и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на маргините на Генералното собрание на ОН.

Според амбасадата на Украина во Израел, пред средбата меѓу Нетанјаху и Зеленски била идентификувана мрежа на ботови на социјалната мрежа „Х“, порано позната како Твитер. Мрежата ширела клевети на хебрејски јазик против Зеленски и украинскиот народ.

За време на средбата во Њујорк, Зеленски и Нетанјаху разговарале за заштита на луѓето и соработка во цивилната одбрана.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...