Професорот Бобек Шуклев и неговиот колега Славе Ристевски од Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се осудени со затворски казни во траење од по четири и пол и четири години, бидејќи барале пари од студентки за да им напишат оценки за положени испити за случајот познат како „Еразмус“.
За три кривични дела е осуден на условна казна затвор и Драган Денковски од овој факултет кој посредувал меѓу професорите и студентките. Во исто време, судот им изрече забрана за вршење на професијата во образовниот процес, во траење од пет години.
Пресудата ја изрече судијката Фанка Јанчулева Михаилоска.
„Обвинетот Шуклев побарал 1.000 евра од една студентка за да положи два испити, иако студентката на еден испит не покажала знаење, а другиот предмет не го пријавила ниту полагала. Тој побарал од студентката и секс, ѝ рекол да дојде на трети јуни во 7 часот наутро, кога никој немало на факултетот, а ѝ дал опција да размисли дали сака секс во кола или во стан. И кажал дека вкупно ќе ѝ помогне да положи за шест предмети“, кажа судијката.
Таа соопшти дека во 2015 година професорот Ристовски примил 1.000 евра поткуп за да изврши службено дејство, односно во индексите на студентите им напишал оценки како да го положиле предметот Статистика и економија, иако на денот на полагањето не го покажале потребното знаење. Тој го побарал подарокот преку Дејан Трајковиќ и Драган Денковски, кој бил две банкноти од по 500 евра.
Пред седум години, одделот за организиран криминал на Министерството за внатрешни работи (МВР) во координација со надлежното јавно обвинителство ја спроведе акцијата на Економскиот факултет, поради сомневање за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и примање поткуп, сторени од вработени на факкултетот. Во акцијата под кодно име „Ерамус“, беше уапсен Бобек Шуклев, како и негови колеги од факултетот.