Започна скринингот на Поглавјето 27, законите за животна средина европски, но без имплементација

На скринингот пред Европската комисија преку 75 презентации ќе бидат презентирани состојбите во областите хоризонтално законодавство, управување со отпад, квалитет на вода,  природа, хемикалии, индустриско загадување и климатски промени

Фото: МЖСПП

Усогласувањето на националното со европското законодавство во најкомплексното Поглавје 27, посветено на животната средина и климатските промени е во тек, но посебен предизвик е неговата имплементација, порача министерката за животна средина Каја Шукова од Брисел, каде денеска започна билатералниот скрининг за Поглавјето 27 што ќе траe до 7 Јули. На скринингот пред Европската комисија преку 75 презентации ќе бидат презентирани состојбите во областите хоризонтално законодавство, управување со отпад, квалитет на вода,  природа, хемикалии, индустриско загадување и климатски промени.

„Нашата држава е посветена на усогласувањето на националното со европското законодавство во најкомплексното Поглавје 27- Животна средина и климатски промени, за коешто е одговорно Министерството за животна средина и просторно планирање. Но, посебен предизвик е неговата имплементација. Во изминатиов период преземавме сериозни чекори за подобрување на состојбите речиси во сите области, особено во делот на управување со отпад и управување со води“, рече Шукова.

Посочи дека очекува во следните денови да се идентификуваат предизвиците по области, особено во оние што побаруваат високи инвестициски вложувања и да се обезбеди силна поддршка и од европските институции, но и внатре од државата, бидејќи само со широка инклузивност и посветеност ќе се постигне зацртаната цел. Поглавјето 27 е едно од најкомплексните и едно од најскапите поглавја. Поради комплексноста и поради високите инвестициски побарувања за нивна реализација се очекува одобрување на подолги транзициски периоди за имплементација, особено за директивите со високи инвестициски вложувања.

Според Шукова, освен предизвикот да се постигнат барањата на ЕУ преку усогласување на националното законодавство со европското и мудрото креирање политики што водат кон негова имплементација, државата и Министерството за животна средина и просторно планирање се соочуваат и со предизвикот за прифаќање на тие политики на сите нивоа во општеството и обезбедување соодветна структура на управување.

„Подготвени сме да го преземеме нашиот дел од одговорноста. Сметаме на вашето лидерство, размена на знаења и искуства за продолжување на нашата соработка за ова поглавје во духот на меѓусебна доверба, почит и заедничко разбирање за постигнување на нашата заедничка цел во заштитата на животната средина и постигнување на полноправното членство во европската заедница“, порача Шукова од Брисел.