Зана Шехи: Да бидеме гласот на безгласните, животните не можат да ги изразат нивните потреби

Зана Шехи / Фото: Порталб

„Ние треба да сме гласот на безгласните“, вели Зана Шехи, активистка за правата на животните која живее во Скопје. Зана, уште од мала возраст покажала грижа за животните во улица. Во интервју за Порталб.мк таа изјави дека како мала не можела да замисли колку е голем проблемот со животните скитници. Но, кога пораснала, се информирала за ова прашање и сега не може да затвори очи пред проблемот.

Зана досега посвоила три кучиња: Ноно, Мила и Негро. Ноно го нашла пред осум години на улица, во добра здравствена состојба, а Мила и Негро ги нашла во тешка состојба.

„Сум имала многу вакви случаи и ќе имам уште повеќе во иднина, но би сакала да ги истакнам случаите со моите три кучиња, Ноно, Мила и Негро. Ноно го најдов пред осум години на улица и тој беше во добра здравствена состојба, за среќа. Но, кога ги најдов другите две кучиња, Мила и Негро, тие две беа во многу влошена здравствена состојба, бидејќи беа удрени од возило. Беше многу исцрпувачки и тежок процес додека двете кучиња заздрават, но за среќа, сега и двете се добро“, вели Зана.

Но, нејзината грижа кон животните не завршува тука. Зана, пред некое време видела едно куче на улица и се погрижила за истото, обезбедувајќи му место во пансион (хотел за кучиња) додека се најде нов дом за него. Кутрето после пет месеци најде семејство во Германија.

„Другиот случај што сакам да го спомнам е кога пред неколку месеци едно куче се појави на улица кај нас и бидејќи веќе имам три кучиња, не доаѓаше предвид да посвојам уште едно. Така, почнав само да го хранам, подготвив распоред, а тоа доаѓаше во седум часот и го хранев секој ден. Но, по некое време започнаа заканите од соседите дека не го сакаат кучето тука. Потоа ми помогна една пријателка која ми препорача и ме поврза со една организација што се занимава со заштита и унапредување на благосостојбата на животните “Daisy”. Се договоривме јас да платам за сместување на кучето, а тие ќе се обидат во текот на тој период да му најдат дом. Штом го испратив кучето во Германија, следниот ден најдов едно ново куче, коешто исто така го однесов на пансионот додека да му најдеме дом“, рече Зана.

Таа троши пари за згрижување на животните, но ова не претставува проблем за неа. Единствениот проблем е емотивната истоштеност.

„Месечните трошоци се околу 6.000-7.000 денари, но често пати проблемот не се финансиите, колку што е емотивната истоштеност. Како што знаете, секој ден се соочуваме со различни случаи на мачење и злоупотребување на животните, нивното труење, убивање и тука е најголемиот проблем“, додаде Зана.

Според неа, сите треба да се грижиме за животните, колку што можеме.

„Животните не зборуваат и не можат да ги изразат нивните потреби. Јас знам дека овој проблем не може брзо да се реши, но, многу е важно да почнеме да ги правиме малите чекори. Доволно е само да не ја фрлиме храната што ни останува, туку да им ја даваме на нив. Тоа е многу хумано, особено во текот на зимата, кога на животните им е многу тешко да најдат вода и храна. Често пати ми велат „Зана, зарем немаш друга работа? Имаме многу поважни проблеми во животот, а ти се занимаваш со животните… Јас целосно се согласувам со ова, но, сепак не треба да се занемари и тоа што и тие се живи суштества, и тие имаат чувства“, додаде Зана.