Заинтересираноста на студентите за програмата Еразмус е сé поголема [инфографик]

Би му рекла на секој студент во нивниот студентски живот да не пропуштат да одат на Еразмус, бидејќи е најдоброто нешто што може да ви се случи. Ова го порача за Порталб.мк студентката по стоматологија на Универзитетот во Тетово, Мирела Мехмети

Фото: Фисник Џелили, Порталб.мк

Заинтересираноста на студентите на Универзитетот во Тетово (УТ) и Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) за размена надвор од државата преку програмата Еразмус+ секоја година сé повеќе се зголемува, велат универзитетите и статистиките на студентите-учесници во овие размени. Голема заинтересираност има и на државно ниво. Студентите кои го поминале ова искуство, го оценуваат Еразмус како „испит“ што треба да го положи секој студент, пишува Порталб.мк.

Еразмус+ е програма на Европската Унија што го поддржува образованието, обуката, младите и спортот во Европа. Дел од оваа програма се и универзитетите во РСМ. Оваа програма им овозможува на студентите запишани во високообразовните институции да следат еден до два семестри како размена во странство или дванаесет месеци пракса во европски компании или институции. Во текот на овој период студентите добиваат финансиска стипендија за да ги покријат нивните трошоци.

Еразмус, искуство што секој студент треба да го доживее

Би му рекла на секој студент во нивниот студентски живот да не пропуштат да одат на Еразмус, бидејќи е најдоброто нешто што може да ви се случи. Ова го порача за Порталб.мк студентката по стоматологија на Универзитетот во Тетово, Мирела Мехмети која преку програмата Еразмус+ беше еден семестар во Универзитетот „Катип Челеби“ во Измир, Турција.

„Моето искуство во програмата Еразмус беше многу добро, никогаш не сум замислила дека ќе поминам толку добро. Гостопримството од луѓето таму беше многу големо. Условите во универзитетот беа многу добри, ни дозволуваа да примаме и пациенти, условите во клиниката беа на многу високо ниво. Освен придобивките од учењето, ги положивме и сите испити, имавме и многу голема соработка со професорите и асистентите, колегите таму ни помогнаа многу“, истакна Мирела.

Освен универзитетскиот дел, Мирела вели дека ова било дополнително искуство каде што виделе нови места, запознале нови друштва и нови традиции.

Мирела Мемети, фото од личната архива (користено со дозвола)

„Мислам дека Еразмус е можност да отворање на умот на студентите, знаеме во каква земја живееме и дека сме малку зад другите земји и ова ти помага да станеш поотворен во секој поглед. Не е дека имало некој многу голем предизвик, без разлика на тоа што го менуваш местото и дека живееш сам, на почеток имав малку потешкотии со прилагодувањето, јазикот и навикнувањето на јавниот превоз“, вели студентката Мемети.

Од друга страна, Бетим Шерифи, кој во гимназија бил во исто одделение со Мирела, но студиите ги продолжил на друга насока за компјутерски науки на УЈИЕ, за Порталб.мк вели дека за него Еразмус програмата била една прекрасна можност која како студент ја користел два пати.

„Првиот пат еден семестар од студиите го следев во Универзитетот во Жилина, Словачка. Студиите во еден европски град, можноста за дружење со студенти од цела Европа и пошироко, и предизвикот да се живее сам во целосно непознат град за мене беа многу корисни искуства и на професионално, а и на лично поле“, истакна Бетим.

Вториот пат, веднаш по дипломирањето, преку Еразмус програмата тој имал можност да работи како практикант (интерншип) во една странска компанија во Грац, Австрија, и благодарение на тоа искуство тој денес е еден од вработените таму.

Бетим Шерифи, фото од личната архива (користено со дозвола)

„Работата како програмер во европска компанија, ми помогнала многу за да се здобијам со нови технички способности за мојата професија. Освен ова со изложување на разни култури со вработени од целиот свет денес моите комуникативни способности и за тимска работа се квалитети кои ги имам подобрено значително, и кои ќе ми служат во иднина. По завршување на интерншипот, компанијата ми овозможи да продолжам да работам за нив, и дури и денес јас сè уште работам во истата компанија“, рече Бетим.

 

Студентите на универзитетите во Тетово сé по заинтересирани за програмата Еразмус

На Универзитетот во Тетово секоја година бројот на заинтересирани студенти за оваа програма се зголемува. Најизбраните земји од страна на студентите за да одат на размена од овој универзитет се Германија, Италија, Турција, Литванија, Полска, Шпанија, Романија и други.

Независно од големата заинтересираност од страна на студентите за учество во оваа програма, Шпреса Адеми од канцеларијата за меѓународни односи во УТ истакнува дека средствата одвоени од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност се многу незадоволителни.

„Универзитетот во Тетово е вториот универзитет во нашата земја што се однесува на вкупниот број на студенти. Нашите барања се постојани за зголемување на фондот за мобилност на персоналот и студентите, со цел овозможување на размената на студентски искуства во нашите сестрински универзитети од европскиот регион“, рече Шпреса Адеми.

Учеството во оваа програма е високо и од страна на студентите на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ). Студентите на овој универзитет одат на размена по цела Европа, почнувајќи од Финска, Норвешка, Германија, потоа Италија, Словенија, Хрватска, Турција и други.

Бујар Синани од Канцеларијата за меѓународни односи на УЈИЕ, за Порталб.мк истакна дека според информациите од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, грантовите што им се доделуваат на универзитетите што доаѓаат од корисничките земји, каде што спаѓа и Северна Македонија, сега веќе се основаат на бруто домашното производство и следствено на тоа и износот на грантовите што им се доделуваат на универзитетите претрпел значителен пад.

„Сето ова оди на штета на студентите и корисничките страни, кои сега веќе се научени со овие можности за студии или извршување на практична работа во универзитети партнери и разни европски компании“, рече Бујар Синани.

Голема заинтересираност за Еразмус и на национално ниво

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ) е институцијата што е поврзана со спроведување на програмата Еразмус+ на државно ниво и која ги одобрува Еразмус+ стипендиите што им се доделуваат на универзитетите, кои потоа според нивните правила ги распределуваат на заинтересираните студенти.

Од оваа Агенција за Порталб.мк рекоа дека од 2014 до 2020 година во Северна Македонија имало вкупно 2.354 влезни мобилности (студенти, професори и административен кадар), додека пак од земјата излегле 2.165 мобилности (студенти, професори и административен персонал).

Местата каде што најчесто нашите студенти одат на мобилност се: Турција, Хрватска, Словенија, Бугарија и Шпанија.

Порталб.мк ја праша оваа агенција дали мислат дека универзитетите имаат потреба за доделување на повеќе такви стипендии, земајќи го како пример Универзитетот во Тетово каде што има многу заинтересирани, но од оваа Агенција одговорија многу кратко.

„Секоја година ќе биде зголемен буџетот за студентите, и тоа за бројот на студентски мобилности во согласност со планот и проекциите на колегите од Европската Комисија“, рекоа од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Инаку, во април 2021 година официјално беше објавена Еразмус+ програмата за периодот 2021-2027.

Од Агенцијата соопштија дека програмата Еразмус+ за овој период има историски најголем буџет од 28,4 милијарди евра на европско ниво и предвидува повеќе од 10 милиони учесници.