Загадениот воздухот во регионот предизвикува над 30.000 предвремени смртни случаи

Фото: Архива на Мета.мк

Загадувањето на воздухот во Западен Балкан предизвикува голем број на предвремени смртни случаи, а последиците вклучуваат пократок животен век и влошување на јавното здравје. Затоа е неопходно итно да се подобри квалитетот на воздухот и јавното здравје, преку надградба на здравствените системи. Ова го изјави Европскиот фонд за Балканот при овомесечната имплементација на третата фаза од кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ со партнерите од регионот.

Притоа, последните податоци на Европската агенција за животна средина велат дека лошиот квалитет на воздухот во регионот предизвикува повеќе од 30.000 предвремени смртни случаи.

Заедничкиот истражувачки центар на ЕУ укажува на фактот дека загадувањето на воздухот во просек придонесува за намалување на животниот век помеѓу 0,4 и 1,3 години кај жителите во земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја тука и Северна Македонија. На овој податок алармираат од кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ во денешното соопштение.

Како еден од главните предизвикувачи на аерозагадувањето, студиите ги потенцираат електраните на јаглен во Западен Балкан, кои предизвикуваат економска штета што се движи помеѓу 1,2 и 3,4 милијарди евра годишно за трошоците за здравствена заштита.

Од кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ бараат да се постави намалувањето на загадувањето на воздухот како национален, регионален и меѓународен приоритет и да се интегрира во сите процеси на планирање во земјите од регионот. Воедно, тие бараат зголемување на буџетските средства за контрола на загадувањето и воспоставување системи за следење на загадувањето и неговите здравствени ефекти.